
МВР трага по телохранителот на Мијалков кој пукал во некогашниот пријател Драган Здравев
Вчера во полициската станица во Кочани било пријавено дека во угостителски објект на улица „Димитар Влахов“, по расправија помеѓу две групи, Драганчо Стоименов (40) со пиштол пукал кон Драган Здравев (35) и го погодил во десната страна од стомакот и десната подлактица.
Драган Здравев бил пренесен во болницата во Кочани, а потоа и во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Увид на местото на настанот извршила екипа од полициската станица Кочани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти МВР.
Телма вчера објави дека инцидентот се случил во кафе барот Аква во Кочани, вчера попладне околу 17 часот, а откако пукал и го ранил Здравев, Стоименов избегал. Полицијата трага по него.
Од скопскиот ургентен центар за Телма вчера потврдија дека Здравев е донесен од Кочани. Не е во животно загрозувачка сотојба, но има две рани од куршуми, во пределот на рбетот и во лакт.
На сликата се гледаат Драганчо Стоименов (Дацо Белски) и неговата жртва Драган Здравев (на фотографијата десно). Од фотографијата се гледа дека двајцата порано имале пријателски односи.
Стоименов има подолго досие во македонската црна хроника, имаше улога на сведок и оштетен во случајот Детонатор, а тогаш беше објавено и дека е телохранител на Сашо Мијалков. На рочиштата на судските процеси против Мијалков, многу често доаѓаше и Стоименов. Денеска иако немаше таков процес, Стоименов според судски извори доаѓал пред зградата на скопскиот кривичен суд.
Во една престрелка во Скопје пред 5 години, Александар Василевски Нинџа го нападна Стоименов и го рани, но во судскиот процес Нинџа доби минимална затворска казна.