МВР нема оперативни сознанија каде се обвинетите бегалци за смилковскиот масакр

Две обележја покрај смилковското езеро го покажуваат местото на масакрот од пред 7 години. Едното го покажува местото каде е застрелан 45-годишниот Борче Стевковски. На 50-тина метри поддалеку е вториот спомен со имињата на 4-цата радишанци на возраст меѓу 18 и 21 година. Тука убијците ги легнале на земја и со куршум во глава ги убиле. Судењето уште трае. Има обвинети кои негираат дека се убијци, но и во повтореното судењесо новото обвинителство СЈО- тие се уште се товарат за дело тероризам и за убиствата. Секој 12-ти април е ден за сеќавање. Најтешките се за семејствата на убиените момчиња. Нивните најблиски им одржаа помен, но не сакаат да зборуваат во јавноста, премалку трпение им остана додека ја чекаат правдата и вистината за судбината на нивните деца. Двајца обвинети се во бегство, има постапка за екстрадиција, но никој не кажува дали Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се уште се во Косово каде избегаа пред останатите од истрагата Монструм да бидат уапсени. Министерот за внатрешни вели дека нема информации каде се наоѓаат бегалците, ниту пак кажува дали се побарани дополнителни истражни дејствија од МВР.

На местото на масакрот и денеска имаше рибари, црквата во спомен на 5-те убиени се уште не е довршена, а за местото никој не се грижи и веќе има и депонија од градежен материјал. За фрленото ѓубре во близина на обележјата се бореа две мали исто така фрлени кутриња.

Најголемата контроверза беше предизвикана со спомнувањето на Заев дека има бомби кои покажуваат поинаква слика на случајот Монструм кој го прогласи за местенка. Но досега во судскиот процес СЈО не достави прислушувани материјали како докази. Роднините на убиените бараат во суд да се пуштат и чујат телефонски разговори снимени од надлежните кои ги има во полиција и на кои според нив се слушаат разговори на функционери на ДУИ. По барање и жалби на одбраната првата пресуда доживотен затвор за 5-мина обвинети беше поништена преклани во Врховниот суд и потоа случајот го презеде СЈО. Судските рочишта во моментот се затворени за јавноста затоа што се изведуваат докази од ПИ мерки.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ