
МВР демантира дека Мицкоски бил следен
МВР ги отфрла наводите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој во телевизиско интервју рече дека е следен од полицијата и очекува следно сценарио на актуелната власт да биде негово апсење. „МВР својата работа ја фокусира исклучиво кон сузбивање на сите облици на криминал користејќи ги законските можности што му стојат на располагање. Ја информираме јавноста дека на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на негово барање од минатата година му е доделено обезбедување од припадници на МВР, се вели во соопштението. Премиерот Заев ја оцени како глупост изјавата на Мицкоски дека се подготвува и има план за негово апсење.
Мицкоски во интервјуто обвини за политички прогон и притисоци врз опозицијата а како пример го посочи обвинението кон партиските функционери Димитар Димовски и Дејан Митевски кое според него било покренато од обвинителка која е сестра на поранешен претседател на Социјалдемократската младина. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ја прекинува понудата за помош за евроинтегративните процеси. Заев му возврати дека тоа е негова должност и верува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на своите стратешки определби, НАТО и ЕУ. Не е исклучена можноста во текот на наредните денови двајцата лидери да одржат средба на која ќе дискутираат за Законот за СЈО, пописот и Изборниот законик.
Јулијана Пешевска