МВР бара екстрадиција на Груевски

МВР бара екстрадиција за Груевски. Испратен е допис до Министерството за правда кое ќе ги извести унгарските власти за потребата од екстрадиција на Никола Груевски кој има правосилна пресуда со две годишна казна затвор. Правда сега ја собира целата потребна документација со која треба на Унгарците да им објасни зошто е потребно Груевски да биде екстрадиран. Ќе се обиде да објасни дека помилувањата кои претходно бегалците Горан Грујевски и Никола Бошковски во Грција ги искористија за да не бидат екстрадирани немаат правна сила.

Потребно е Кривичниот суд да ни ја достави пресудата која ќе потврди дека тој е правосилно осуден во земјава на две годишна затворска казна. Наше е да испратиме и детално образложение поради кое бараме екстрадиција. Во него ќе ги наведеме и двата најбитни аргументи. Прво дека не се работи за политички прогон и дека нема никакви закани овде во неговата матична земја. И второ дека не би требало пред вид да ги земат помилувањата од претседателот Ѓорѓе Иванов со кои беше опфатен и Никола Груевски, бидејќи тие се поништени, за да не се повтори случајот со Грујевски и Бошковски, велат од Министерството за правда.

И додека Груевски вчера преку фејсбук статус објави каде се наоѓа, тука се разгоруваат дебатите за тоа како обвинителството, судот и полицијата не успеаја да го спречат неговото бегство. Државниот обвинител Љубомир Јовевски вели дека сепак се покажало дека притворот иако е најсурова сепак е најефикасна мерка за обезбедување на оние кои се гонат за криминал.

Но ниту едно од овие можности не беа искористени во случајот „Тенк“ во кој е осуден екс премиерот Никола Груевски. СЈО за него бараше притвор но во случајот „Титаник“, но судот во истрага целосно отфрли, додека при поднесување на обвинението одреди мерки за претпазливост. Освен нему и на дел од останатите обвинети им беа одземени пасошите, и имаа обврска да се јават еднаш неделно во суд.  Во синоќешното интервју на 1тв специјалната обвинителка истакна дека по пресудата не се барало притвор бидејќи тој ги почитувал мерките.

Одговорноста за бегствоото на Груевски вчера ја отфрлија и претседателот на судот Иван Џолев и министерот за внатрешни Оливер Спасовски. Но доцна вечерта притвор заработија Миле Јанакиевски и Кирил Божиновски исто така обвинети во Титаник, а ако има сознанија и за оние во останатите случаи на СЈО ќе се бараат постороги мерки. Утре во судот пак треба да продолжи случајот „ТНТ“ на СЈО каде се поизвесно е дека Груевски нема да се појави, додека од притвор треба да биде донесен екс министерот за транспорт Јанакиевски.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ