Музичарите се раскараа околу учеството на прославата на поканата за преговори со НАТО

Бурни реакции на социјалните мрежи во врска со утрешната прослава низ 15 градови што ја организира Владата за поканата за членство во НАТО ги раскараа музичарите и нивната публика. Некои изведувачи велат дека не биле информирани кој е поводот за ваква прослава и не знаеле за што потпишале договор, имајќи предвид дека се против промена на името и Македонија да влезе во НАТО.

„Претпоставувам уплашени за лојалноста на нивните фанови стигаат до момент кога се пишманат или даваат знаци на пишманење. Мислам дека многу беше јасно за што сме букирани уште пред да биде потпишан било каков договор. Многу беше јасно кажано дека би свиреле за прославата по повод поканата за членство во НАТО и тоа е многу јасно во договорот. Кој е луд да настапи,  а да не знае каде настапува“, вели Мирко Попов.

Членот на рап – бендот САФ Митко Гаштарковски – Пикисипи напиша на својот Фејсбук профил дека е против промена на името во Северна Македонија, но ќе настапи на прославата со една цел:

„Ќе настапам како дел од формацијата С.А.Ф. затоа што тоа е единствен начин (според мене) да се сочува ова парче земја кое се вика Македонија, без понатамошно делење итн. Покана за НАТО???? Не со услов!!! Песните наши ги знаете, не се баш за славење. Единствената песна што е за прослава, ‘Раце горе’, нема да ја изведуваме бидејќи денеска или на 14 јули не чувствувам дека треба да славам“, вели Гаштарковски.

Групата Љубојна на својот Фејсбук профил објави дека ќе настапат на прославата, а парите ќе ги донираат во добротворни цели. Музичарите не се и не треба да бидат бедем за револт и распетие, се вели во фб статусот на групата Љубојна.

Веднаш по реакциите на некои изведувачи дека не знаеле што договор потпишуваат веќе се нудат бесплатни адвокатски услуги.

Ставот на Владата е дека музичарите ќе го кажат својот став на референдум, сега се само професинално ангажирани. Тие упатија апел до опозицијата да не врши притисок врз музичарите.

„До опозицијата да апелирам да престане да сее омраза врз демократското мнозинство во нашата земја. Македонија заслужи да прослави и затоа ја поканувам опозицијата им честита на граѓаните и да не врши притисок врз музичарите кои на најранспарентен и чесен начин учествуваат во прославата“, изјави премиерот.

Службата за односи со јавност на Владата накнадно ќе информира колку пари ќе бидат потрошени за прославата што ќе се одржи во 15 градови со 40 изведувачи.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ