Музичарите од денеска може да настапуваат

По пауза од три месеци, Комисијата за заразни болести одлучи да им дозволи на музичарите да се вратат на работа. Усвојувањето на предлозите за организирање музички настапи, на кои работеа здруженија на музичари и промотери на музички настани, вклучува пополнување на капацитетите до 50% во кои ќе се музицира , продажба на билети по електронски пат, за да не се создаваат турканици и задолжително носење маски. А, организаторите на настаните се задолжени за спроведување на заштитните мерки против Ковид- 19 , истакна министерот за здравство Филипче.

Одлуката за враќање на музичкиот живот во земјава, дојде по состанокот на министерот со музичарите и промотерите, во петокот. Од Здруженијата на музичари и промотери, велат дека ќе ја разгледаат одлуката за протоколите на Комисијата за заразни болести и доколку имаат забелешки, дополнително ќе реагираат.

Незадоволни од забраната за организирање музички настапи на отворено, на затворен простор и во објекти, наспроти дадената дозвола за работа на повеќе економски оператори, минатата недела дел од музичарите протестираа во Штип.

Поради неможноста да работат и со катастрофален пад на приходите за, како што рекоа, 100%, музичари и музички работници се собраа околу иницијативата „ Музика сега !!!“ и до Министерството за култура и Владата, испратија предлози за работа во услови на епидемијата со корона вирусот.

Предлозите опфаќаа отворање по фази на музички студија за снимање и продукција, концерти на отворени тераси и простори и нивно следење од автомобили и концерти  во затворени објекти. Поради зголемениот број заболени со Ковид- 19 во земјава, градиниките нема да бидат отворени во скоро време, зашто децата се преносители на инфекцијата врз возрасните, потенцира министерот Филипче.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ