МТСП: Комисија ќе ја испитува сексуалната злоупотреба на штитеничката од домот „25 мај“

Тринаесетгодишна штитеничка од домот за деца „25 мај“ од Скопје била сексуално злоупотребувана по што останала бремена и завчера абортирала. Грозоморниот случај го обелодени Европскиот центар за правата на Ромите од каде открија низа системски слабости во институционалната грижа за децата во социјален ризик. Девојката пред неколку години била одземена од родителите и сместена во домот.

„Според нејзиното сведочење, девојката била принудно земена од постар маж од институцијата, кој со возило ја одвел во неговиот дом во друг град. Таму, таа била принудена на сексуални односи и физичка работа. Успеала да избега по 30 дена и да се качи на автобус за Скопје каде полицијата ја нашла на Бит-пазар. Таа опиша дека претходно била однесена во „детски летен камп“ во Струга, заедно со други деца од државниот дом за згрижување. Таму, непознат маж сексуално ја злоставувал, пред да биде вратена назад во Скопје. “

Од Центарот велат дека девојката ги пријавила овие случаи но била обвинета дела лаже. Иста судбина наводно имале уште две штитенички од домот.

„Девојката  е трауматизирана по абортусот, а на родителите не им било дозволено да присуствуваат, спротивно на нејзината желба. Надлежните институции не преземале никакви мерки да ѝ помогнат неа и на нејзиното семејство за да излезат од сиромаштија, ниту пак го признале сопствениот неуспех да ја заштитат малолетничката од сексуално злоставување додека престојувала во државна институција.

Министерството за труд и социјална политика формирало комисија која ќе испитува дали имало институционални пропусти во целиот случај. Од оваа институција велат дека ако се утврди грешка во работата на социјалниот работник Министерството ќе покрене дисциплинска постапка и прекршочна пријава. Министерството тврди дека сексуалните злоупотреби се случувале надвор од Домот, а отсуството на девојката секогаш била пријавувано во полицијата која пак покренувала потерница.

„Постојат сериозни индиции за нејзина сексуална експлоатација во периодите кога ја напуштала установата, односно дека е жртва на трговија со луѓе. За ова е информирано и Министерството за внатрешни работи за нивно натамошно постапување.“

За случајот се огласи и Хелсиншкиот комитет од каде побараа да се изврши надзор над установата „25 мај”. Од Хелсиншки велат дека во случајот треба да има кривичен прогон на сите инволвирани и тоа за кривично дело трговија со дете.

Александар Манасиев

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ