
Мртва жена фрлена на дива депонија – имала повреди и е на возраст од околу 45 години
На правлив пат во црна кеса е надена мртва жена. На лице место останале уште десетина црни кеси, и во нив имаше органски остатоци, но не од луѓе туку од убиени заклани животни. Дива депонија на која се расфрлани коски, говедски глави, го криела телото на настраданата жена која според првичните претпоставки е на возраст од околу 45 години. Телото е најдено вчера попладне на патот во близина на селото Горно Оризаре, а го нашол локален жител – комуналец кој се враќал од работа. Жителите велат дека само виделе многу припадници на полиција и на судска медицина во заштитни одела.
Местото се наоѓа веднаш до скопската обиколница и во близина на Шутка. Откако е извршен увид на лице место мртвата жена е однесена на обдукција. Првичните наоди на увидот е дека жртвата имала повреди. Но од обвинителството засега не го третираат случајот како убиство и чекаат да завршат сите вештачења. Оној што ја фрлил мртвата жена, првин ја ставил во кеса и дошол на место кое мора да го знаел како скришно иако е блиску до автопатската обиколница и како место каде се фрлаат органски остатоци.
Локалните жители на горно Оризари понекогаш го користат патот за да го скратат патот до Александар Палас и до Скопје. Сите во селото се живи и здрави, а нема ниту исчезната жена. Депонијата ја гледаат и знаат дека е сериозна опасност по нивното здравје бидејќи на жешко е опасно жариште на бактерии. Но никој од надлежните не го чисти.
На крај дивата депонија некој ја искористи во обид да сокрие насилна смрт на жена. Местото е на територија на општина Шуто Oризари и градот Скопје.
Миомир Серафиновиќ