
МРП вакцините со декларации со изминат рок ќе се анализираат во меѓународна лабораторија
Не постои лабораторија во земјава во која може да се направи анализа на составот на МРП вакцините па ќе се пракаат во странство .
Од центарот на испитување и контрола на лекови при фармацевтскиот факултет му одговориле на скопското обивнителство дека не можат да ги направат потребните анализи, откако претходно обвинителите побарале проверка на вакцините за кои на почетокот на годината се отвори сомнеж, поради декларациите на кои стоел изминат рок, потврдија од обвинителство. Сега бараат од фармацевтскиот факултет да им даде препорака за меѓународна лабораторија која би ги извршила проверките, дали вакцините се исправни и дали составот одговара на пропишаниот.
Од обвинителството потврдуваат и дека 624 вакцини Приорикс, кои имаат налепници со изминат датум се запечатени и обезбедени, се чуваат во компанијата Македонија лек, увозник на вакцините за морбили, рубеола, паротит.
На почетокот годинава од Македонија лек уверуваа дека сите вакцини се со важечки рок и безбедни за користење.
Компанијата се извини и објасни дека станува збор за техничкиот пропуст.
На дел од вакцините имало стари декларации според кои рокот е изминат а всушност на самите вакцини имало втиснато друг датум на употреба според кој тие се уште можат да се користат
Скопското основно обвинителство во јануари годинава отвори предмет по допрен глас, со цел да утврди дали имало евентуални неправилности при увозот, нивниот рок на употреба, како и евентуално предизвикани штетни последици.
Според информациите од таму, предистрагата е во напредна фаза се собираат докази и документација, а клучно ќе биде вештачењето на составот на вакцините.
Елена Ивановска Мукоска