
МПЦ не коментира додека не добие официјална информација дека СПЦ ќе ги обнови преговорите
Македонската православна црква не сака да ги коментира информациите дека спрската православна црква ќе ги обнови преговорите за признавање на МПЦ. Владиката Тимотеј во разговор за Телма вели дека ќе чека официјалнапотврда на ова.
До сега МПЦ не добила никакво известување за ова. Информацијата ја објавиТанјуг цитирајќи го весникот Политика.
Српскиот весник, повикувајќи се на извори од врвот на СПЦ, информира дека прашањето за МПЦ-ОА вчера било единствена тема на претпладневното заседание на највисокото црквено тело.
Истиот извор за „Политика“ изјавил дека „српската црква не сакала да иницира обновување на дијалогот со Македонците се додека Јован Вранишковски бил во затвор“.
“Тој, меѓутоа, е пуштен на слобода во 2015 година и учествува и на овој, како и на неколку претходни заседанија на Соборот на СПЦ, заедно со владиките на Православната охридска архиепископија, која е под закрила на српската црква“, пишува Танјуг цитирајќи го белградскиот весник.
Инаку ваквото решение на СПЦ доаѓа по минатонеделната одлука на Вселенската патријаршија да почне да го разгледува барањето на МПЦ за решавање на нејзиниот статус.
Во тој контекст е и изјавата на рускиот патријарх Кирил дека Вселенската патријаршија може да го примени „украинското сценарио“ за признавање на афтокефалноста и на Македонската православна црква. Украинско сценарио всушност би значело дека нема да се чека црквата мајка на МПЦ која е СПЦ да ја признае црквата туку тоа директно ќе го стори Вселенската патријаршија.
Билјана Николовска