„Можеме„ и „Обнова„ со слични страници- на нив и Ковид-19 

За првпат во историјата на македонските изборни програми, на хартиените страници се најде и вирус. Ковид-19 е всушност вториот столб од програмата на СДСМ, во која ветуваат дека здравствениот систем е подготвен за евентуален нов бран од корона – вирусот. Најавуваат и 33 милиони евра за одделенијата за интензивна нега, вработувања во здравството и специјализации. Во програмата се најде и новиот клинички центар за кој минатата година едвај беше утврдена локација. И ВМРО ДПМНЕ, на кои им пропадна претходниот проект, повторно ветуваат изградба на нов клинички центар, како и модернизација на постоечките центри.

„Можеме„ има 268 страници, а  „Обнова„ 340. Едната на 6 столба, другата на 4. Во основа се слични, и портокалово жолтата и црвената програма на двете најголеми партии ветуваат силни институции, стабилна држава, интегрирана во ЕУ, силна економија, квалитетно образование.

СДСМ ветуваат повисоки плати од 600 до 6 илјади денари по вработен и минимум 10.700 денари пензија. ВМРО ДПМНЕ-зголемување на платите за 25 проценти во рок од 4 години, усогласување на пензиите со растот на платите и трошоците за живот и минимална плата околу 60 проценти од средната плата. Социјалдемократите се прецизни во километражата – ветуваат 260 километри автопатишта, 300 километри експресни и 900 километри локални патишта, како и 500 километри водовод. ВМРО ДПМНЕ тука не одат со бројки, туку со конкретни патни правци за кои ветуваат завршување со изградба и можност за почеток на нови.

И двете партии нудат нови места во градинките, реконструкција на студентските домови, реформи во администрацијата. Се ветуваат и високи казни за загадувачите на воздухот, комунална полиција и тројно повеќе инспектори, гасификација…

СДСМ ветуваат разрешување по автоматизам на судиите кои застаруваат предмети, како и темелна ревизија на судските предмети во последните 5 години. ВМРО, пак, ќе „трагаат по вистината“ и ќе ги преиспитаат случаите  со „неправедно осудените лица во политички монтираните процеси„. Доколку имаат 2/3 мнозинство за измени на Уставот, ќе предложат измени во начинот на изборот на уставните судии. Ќе предложат и нов Изборен законик, електронско гласање на дијаспората, како и нови закони за Собрание и за претседател на државата.

Во програмите и на двете партии се и пратениците. СДСМ ветуваат дека ќе им ги укинат патните трошоци и ќе им обезбедат станови до 50 м2 во кои ќе престојуваат кога се во Скопје, ВМРО, пак,  предлагаат минимални патни трошоци.

Во врска со влезот во ЕУ, СДСМ ветуваат затворање на 80 отсто од поглавјата до 2024 година, ВМРО зајакнување на капацитетите за комуникација со Брисел и билатерални договори.Најавуваат и формирање на научна институција за проучување на ризиците и обврските од Преспанскиот и Договорот со Бугарија, која преку научен пристап ќе работи на ублажување на негативните страни од договорите.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ