Проектот за поврзување на Аеродром и Гази Баба ќе чини двојно повеќе

Не е започната изградбата на мостот којшто ќе ги поврзе општините Аеродром и Гази Баба, но тој веќе ги скара двете најголеми политички партии. Во меѓувреме работници на терен работат на изградба булеварот АСНОМ кој е дел од целиот проект. За жителите на Аеродром добро е што ќе се намали метежот во сообраќајот во иднина, но и тие ги препознаваат препирките помеѓу партиите и за ваквите важни градски прашања.

Изградбата на мостот којшто ќе ги поврзе двете општини ќе чини многу повеќе отколку што е првично планирано, затоа што проектот не може да биде изведен според првичните планови на Градот.

Причина за повисоката цена градоначалникот ја префрла на вина советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во општина Гази Баба која што е мнозинска таму. 

Оваа изјава на градоначалникот Шилегов не остана без одговор од страна на советничката група на опозициската партија. Тие велат дека Шилегов сака да направи експропријација, без многу да ја олесни градската каса.

„Сега проектот е во почетна фаза, а на жителите на Керамидница им се понудени многу ниски суми за експропријација на објектите односно цена од по 400 до 500 евра за м2. Од градските власти иако имаат законска основа да платат – тие ги тераат луѓето да водат нови имотно правни постапки и бирократски процедури, велат од советничката група на ВМРО ДПМНЕ во општина Гази Баба.

Проектот за поврзување на општините Аеродром и Гази Баба беше најавен лани. Овој проект е предвиден уште во ГУП-от од пред повеќе од педесет години, но досега за него никој во Градот ја немаше изготвено основната планска документација.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ