Мораториумот не ги запира градежниците кои добиле зелено светло – 60-катница сепак нема да се гради кај Холидеј Ин

Во Центар иако има мораториум, сепак се гради. Никнуваат зградите на инвеститорите кои побрзале и побарале дозвола за градење пред да стигне забраната за новите објекти.

Градоначалникот нема механизам за да ги сопре градежните компании кои на време ги собрале документите за градење. Од Центар не сакаат да се соочат со тужби и да се сретнуваат во судница со газдите на фирмите. Евентуални тужби против Општината можат да ја испразнат нивната каса, поади плаќање оштета.

Градоначалникот Богдановиќ беше запрашан околу најавите за изградба на три шеесеткатници спроти Холидеј ин, на земјиште кое е приватно. Деталниот урбанистички план за таа локација е под мораториум и се ревидира. Богдановиќ вети дека таму во ниеден случај нема да дозволи толкави објекти, но сепак призна дека ќе се гради помал објект кој повеќе одговара на просторот.

Центар, заедно со Аеродром и Карпош е постојана мета на градежните инвеститори.

Привремената забрана за нови градби во општината градоначалникот Богдановиќ ја воведе на 27 декември минатата година, со што Деталните урбанистички планови во кои се предвидуваат спорни градби се ревидираат и се заменуваат со нови.

Наспроти тоа, неговиот колега од градоначалничката фотелја во Аеродром, Златко Марин, тврдеше дека тој не може со мораториум да ја запре градежната експанзија во неговата општина. За него тоа е спротивно од законите.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ