Монтажната болница до Инфективна подготвена за пациенти

Инфектолозите работат прекувремено, постојано со заштитната опрема и познатите скафандери. Се борат со вирусот веќе неколку месеци и се уште не знаат дали ќе бидат доведени во ситуација да немаат место во болниците за нови пациенти. Екипата на Телма денес беше на терен. Ја снимивме монтажната болница, која нуди дополнителен капаците, речиси половина од оној на Инфективна.

Сепак, на терен просведочивме и друг момент, на безбедна оддалеченост. Пациентка која не се чувствуваше добро чекаше да биде примена. Луѓето коишто ја донеле на докторите им кажаа дека е позитивна на Ковид. Вработените на Инфективна која речиси е целосно исполнета, ја спроведоа.

Но, каква е состојбата и во другите болници и Инфективни одделенија во земјава. Некаде се уште е стабилна и има расположлив капацитет. Некаде веќе снемува слободни кревети за нови пациенти. Таква е состојбата во болницата во Битола, информира директорката, доктор Билјана Гагачовска.

Во болницата во Штип, град во кој се познати неколку кластери главно од конфекциите, информираа дека е зафатен 21 кревет од вкупниот капацитет од 33. Ако има потреба, можат да се ослободат уште дополнителни 15 кревети од Неврологија. Во Тетово пак каде има 45 заболени во денешниот извештај на здравствените власти, директорот на болницата брифира дека до денес се хоспитализирани вкупно 19 пациенти. Во случај состојбата да ескалира и таму ќе се пренаменуваат други болнички крила во импровизирани инфективни одделенија.

Петар Догов

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ