МОН: Сите инволвирани ќе сносат одговорност за случајот со екскурзијата во Италија

Тројца просветни инспектори утринава вршеа увид во неготинската гимназија Св Кирил и Мeтодиј, којa треба да покаже што навистина се случило за време на екскурзијата во Италија. Одговорност ќе се бара од наставниците и директорката кои ја продолжиле екскурзијата во Франција, оставајќи двајца средношколци во Италија, а педагошки мерки можат да бидат превземени и против учениците кои дивееле за време на екскурзијата. Однесувањето на децата било причина поради која тур операторот за Италија и Европа ја прекинал соработката со Балкан Турист, агенцијата која го организирала патувањето. Сопстеникот Тони Ристовски ни го достави писмото од претставничката на тур операторот кое содржи образложение, но и фотографија од една од собите каде некој извршил нужда на подот.

„Навистина сите сме запрепастени од таквото некултурно и срамно однесување. Не ми е јасно какво вашите професори немаат никаков авторитет во однос на нивното воспитување. Сите хотели се жалеа поради дивеењето на учениците по хотелите до раните утрински часови. Не сакаат повеќе да работат со македонски групи затоа што покажаа невоспитување. Мене ми е жал, но јас во иднина нема да ги примам твоите групи од Македонија“, се вели во писмото.

Според државниот просветен инспекторат одговорност за однесувањето на учениците имаат наставнците.

„Надзор над постапките на учениците имаат наставниците. Тие требале да проверат во каква состојба биле оставени собите, а таму каде што имало материјални штети, требале да платат обештетување“, вели директорот на ДПИ.

Скандалот беше обелоденет откако неколку родители на социјалните мрежи обвинија дека две деца биле оставени во хотелот во Италија, бидејќи доцнеле петнаесетина минути, а целата група со професорите и среднишколците без нив со автобусите продолжила во Франција. Се вратиле назад во вечерните часови. Сппред МОН, можност за покренување постапка за одговорност на наставниците за нивната негрижа имаат и родителите.

Сaња Јовановиќ Дамјановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ