
Могерини: Решението на спорот за името ќе има трансформирачки ефект на глобално ниво
Европската унија нема да може да го игнорира евентуалното решение на спорот за името, одговори денеска на прашање високата преставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.
„Моќта на добрата вест што ќе ја донесе решение за името ќе биде толку силно поздравена од меѓународната заедница и ЕУ што сите земји ќе мораат ова да го земат предвид“, кажа Могерини.
За Могерини, конечното решение не само што би била светска вест, туку и пример за како треба да се решаваат билатералните спорови. Решението на деценискиот спор, ќе има трансформативен ефект не само на односите помеѓу земјите, туку на целиот регион, и на Европа, но и на глобално ниво.
„Спорот за името постои одамна, создаваше компликации со години, и ако силното политичко лидерство со посредство на ОН и силно инволвирање на ЕУ може да донесе договорен резултат на вака тешка тема, тоа ќе биде инспирација и за други и ќе биде доказ дека мултилатералниот пристап е тој во кој треба да се инвестира. Сето ова треба да биде препознаено од Европскиот совет.“
Могерини зборуваше по денешниот министерски Европски совет. Состанок на кој присуствуваа и министерите за надворешни на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, каде реферираа по синоќешна преговарачка рунда во Брисел. Коѕијас и Димитров, договориле рамка за компримис за решавање на спорот за името на која сега, во Атина, работат тимовите од двете министерства за надворешни работи.
„Имавме продуктивна средба, имаме рамка што треба да се доработи и на неа во моментов работат правни тимови од двете министерства во Атина. Се планира и важен разговор на премиерско ниво, Заев со Ципрас кон средината на оваа недела, каде се надеваме дека ќе се пресечат некои важни работи од опциите што се во игра“, изјави Димитров.
Министрите за надворешни работи завршија со нивниот дел, преговорите продолжуваат на експертско ниво, а кога ќе завршат и тие, текстовите подготвени од министрите ќе бидат во рацете на премиерите за конечен договор, вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас.
„Денеска и веројатно утре, ќе продолжат преговорите на експертско ниво – она што треба да се реши се техничко – правните прашања. Веднаш штом завршат и тие и штом ќе бидат разјаснети техничките и правните прашања, текстовите подготвени на ниво на министри за надворешни работи ќе им бидат дадени на двајцата премиери, кои ќе разговараат и ќе постигнат конечен договор“, вели шефот на грчката дипломатија.
Коѕијас од Брисел заминува за Берлин, каде ќе се сретне со претседателот Франк Валтер Штајнмаер и министерот за надворешни работи на Германија Хеико Мас.
За сега, ниту македонската ниту грчката страна не откриваат кое е новото договорено име. Грчкиот весник Катимерини објави дека на маса е поставено ново име кое досега не е познато за јавноста, а е поврзано со Крушево и илиденскиот период. Весникот тврди дека дипломатиите на двете земји се договараат за име за севкупна употреба и од свои извори изразува сомнеж дека предлозите на медијаторот Нимиц како Северна, Нова или Горна Македонија не се прифатливи за ерга омнес.
Ивор Мицковски