
Могерини: Охрабрувачки дијалог помеѓу Скопје и Атина
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, денеска во Софија изјави дека дијалогот меѓу Скопје и Атина за прашањето за името е охрабрувачки и се надева дека наскоро истиот ќе даде резултати.
– Сметам дека билатералните прашања како што е тоа за името се многу деликатни, а јавното мислење во двете земји е важно. Тоа значи дека е потребно политичко лидерство, голема храброст, решителност и јасна визија за тоа што е добро за сопствените граѓани. Многу сум ипресионирана од тековниот дијалог меѓу Атина и Скопје и подготвена сум да го поддржам на каков било начин. Се надевам дека наскоро ќе се дојде до позитивен резултат, рече Могерини по денешниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ и државите кандидати.
Очекување дека спорот за името ќе биде решен и Македонија за време на бугарското претседавање ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, искажа и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева. Таа се надева дека на состанокот на Европскиот совет во јуни ќе се донесе одлука за отворање на преговорите со Македонија.
– Имајќи го предвид развојот на настаните и разговорите кои се во тек, мислам дека има голема шанса тоа да се случи, рече Захариева на прес-конференцијата по состанокот во Софија.
За спорот меѓу Скопје и Атина за името, Захариева рече дека гледа политичка волја кај владите на двете земји за изнаоѓање трајно решение.