
МНР со постапка за Наумовски откако ја игнорирал посетата на Шекеринска
МНР покренало постапка за однесувањето на македонскиот амбасадор во САД, Васко Наумовски, откако тој ја бојкотираше посетата на министерката за одбрана Радмила Шекеринска на Америка. Од МНР не кажуваат дали постапката предвидува и повикување на амбсадорот на консултации во Скопје, наведувајќи дека се работи за внатрешна процедура во министерството за која не може да се изнесуваат повеќе детали во јавноста. Од таму информираат дека согласно барањето од Министерството за одбрана за посетата на Шекеринска била организирана логистичката поддршка и побараните средби во Белата куќа и Стејт департмент, но оти Наумовски не се појавил ниту на пречекот, ниту на испраќањето на делегацијата.
„Во текот на посетата, амбасадорот Наумовски воопшто не стапил во контакт со делегацијата, ниту пак изразил било каков интерес за текот на посетата што цениме дека е недозволиво за вака исклучително значајна посета, без разлика дали бил формално предвиден или не во нацрт-програмата на Министерството за одбрана“, се наведува од МНР.
Дипломатската процедура предвидува при посети на високи официјални државни делегации од Македонија во странство тие да бидат придржувани од амбасадорите или конзулите, особено ако, како во случајот на посетата на Шекеринска, амбасадорот била известен за посетата.
Шекеринска по враќањето од САД во Топ Тема на Ваша страна информираше дека Наумовски ниту стапил во контакт со делегацијата, ниту пак изразил било каков интерес за посетата.
На Наумовски ова не му е прв дипломатски гаф. Тој во јануари од позиција на преговарач, во име на државата во спорот околу името, по одржана рунда разговори под медијаторство на Нимиц, го коментираше предлогот за решение даден од посредникот, излегувајќи со тоа надвор од своите ингеренции.
И тогаш МНР испрати соопштение за постапката на Наумовски велејќи дека согласно дипломатските правила, идеите на медијаторот не се коментираат јавно пред темелна анализа и изграден став на државниот врв. Тој неформално беше тргнат од процесот на преговорите, кои преминаа во рацете на министерот, но без какви и да последици по неговата диплматската кариера.
Според Законот за надворшеи работи амбасадорот за своето работење е непосредно одговорен пред министерот, а за прашања од спроведувањето на надворешната политика и пред претседателот. Амбасадор може да биде отповикан и поради незадоволителни резултати во работата или доколку со своето работење им причинува штета на интересите на државата, уредено подетално со уредба на влафата, но одлуката за отповикува е во рацете на претседателот.
Амбасадор може да биде повикан од страна на министерот или на консултации во траење од 60 дена, доколку поинаку не се усогласат околу тоа министерот и претседателот.
Тамара Грнчароска