МНР со хуманитарни летови ќе ги враќа македонските граѓани во земјава, бара да се пријават

Со хуманитарни летови ќе се враќаат во земјава македонските граѓани кои се заглавени во трети земји, но кога ќе се вратат ќе мора да поминат 15 дена во државен карантин. Ова денеска го соопшти шефот на дипломатијата, Никола Димитров, кој информираше дека најмногу такви граѓани има во европските држави. Димитров притоа рече дека немаат информации во каква здравствена состојба се оние кои бараат помош за враќање.

„Направивме еден пресек. Бројката варира, дел од луѓето успеваат можеби во меѓувреме. Се зголемува исто така евиденцијата. Значи зборува за бројка од некаде 2.300 македонски граѓани низ целиот свет“, рече Димитров.

Притоа тој упати апел до македонски граѓани кои не можат да се врат во земјава, а кои досега не се пријавали во МНР дека им е потребна помош, да го направат тоа до утре, недела, 22 март, до 18.00 часот, на контакт броевите и електронска пошта на МНР за оваа намена за да се има прецизна бројка на колку граѓани им треба помош.

Потребни податоци:

– име и презиме

– број на патна исправа

– контакт телефон

– земја и град каде се наоѓате

– дали имате регулиран престој во која било странска држава

 

Телефони за пријавување:

075 27 37 32 (редовна линија, Viber, WhatsApp)

071 25 34 30 (редовна линија, Viber, WhatsApp)

072 30 68 45 (редовна линија, Viber, WhatsApp)

075 44 66 47 (редовна линија)

 

Електронска пошта:

[email protected]

Димитров информираш дека во фокус за извлекување ќе бидат земјите каде има поголема концентрација на наши граѓани, но предупреди дека тоа нема да може да се прави континуирано поради голема организација и трошоци.

„Владата одлучи сите граѓани што ќе дојдат во поголеми групи со хуманитарните летови ќе бидат во задолжителен државен карантин во траење од минимум 15 дена“, информираше Димитров.

Димитров информираше дека вчера во соработка со Црна Гора бил организиран хуманитарен лет за наши граѓани заглавени во Истанбул, кои преку Црна Гора требало да бидат донесени во земјава. Но тие откако биле контактирани и им било кажано дека ќе мора да одат во задолжителе карантин по пристигнувањето во земјава, одбиле да се качат на летот. Димитров смета дека тоа може да биде индикација за намалување на бројот на граѓани кои ќе бараат да се врат во земјава.

Инаку деновиве од Црна Гора ќе се организира враќање во земјава со хуманитарен конвој на 70-на македонски граѓани кои потоа ќе бидат ставени во карантин.

МНР, како што рече Димитров, меѓу другото прави напори и да нема правни последици за македонските граѓани кои се заглавени во земјите-членки на ЕУ, а на кои ќе им истече периодот за престој таму.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ