Мнозинството но и слабиот одзив на референдумот во фокусот на Европа

Ден по референдумот, Европската Унија, преку комесарот за проширување, Јоханес Хан и високата претставничка за надворешна политика, Федерика Могерини, порача дека исходот од референдумот е знак за поддршка од граѓаните како за Преспанскиот Договор, така и за европската иднина на земјата.

„На мирен и демократски начин огромно мнозинство од оние кои го искористија своето право на глас рекоа “да“ за Преспанскиот договор за името и за европскиот пат. Парламентот е сега повикан да продолжи со следните чекор за имеплементација на договорот за името преку одлука за усвојување на уставните промени“, пишува во изјавата на Хан и Могерини.

Реакциите по вчерашниот референдум се генерално позитивни. Поздравено е големото мнозинство кое гласаше позитивно, но беа упатени и критики за слабиот одзив. Сега се очекува од политичарите да ја преземат одговорноста и да почнат со имплементацијата на договорот од Преспа.

Бугарското МНР го поздрави резултатот како израз на желбата земјата да биде дел од европската и евроатлантската заедница и ја повика политичката елита да покаже зрелост.

„Залогот е голем – иднината на државата и иднината на сите нејзини граѓани. Големо мнозинство граѓани се „за” членство во ЕУ и во НАТО. Губењето време не е од корист ниту за земјата ниту за регионот“, се вели во соопштението.

Социјалдемократската група во Европскиот Парламент пак ја обвини манипулативната кампања за слабиот одзив. Нејзиниот лидер Удо Булман ја нареше македонската опозиција „опортунисти и кусогледи националисти“.

„Манипулативната кампања без преседан обесхрабри многу луѓе да излезат на гласање. Делови од опозицијата кои и припаѓаат на Европската народна партија и претседателот на земјата го бојкотираа референдумот и уште еднаш докажаа дека се опортунисти и кусогледи националисти“, пошува шефот на социјалдемократите во ЕП, Удо Булман.

Резултатите ги поздравија и САД, кои изразија подршка за целосна имплементација на Договорот од Преспа, кој и овозможува на Македонија да го заземе заслуженото место во НАТО и ЕУ.

„Со оглед на тоа што македонскиот Парламент сега започнува со разгледување на уставните измени, ги повикуваме лидерите да се издигнат над партиските политики и да ја искористат оваа историска можност да обезбедат посветла иднина за земјата како полноправен член на западните институции“, се наведува во соопштението од Стејт департментот.

По завршувањето на гласањето се јави и Москва, која преку портпаролот на Путин, Дмитриј Песков порача дека Русија внимателно ја следи ситуацијата во Република Македонија и очекува сите процеси да останат во рамките на владеењето на правото и почитување на законите.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ