
ММФ: Светската економија во деликатен момент, за земјава годинава раст од 3 отсто
Загриженост на светската сцена, глобалната економија е во деликатен момент, годинава таа ќе расте побавно од очекуваното. Тоа сигурно ќе ја погоди и домашната. ММФ со нови намалени прогнози за земјава, во својот најнов извештај, каде веќе и официјално ни го промени името во Северна Македонија, ни предвидува раст за 2019 од само три проценти, а три и пол отсто ќе достигнеме дури во 2024-тата. Нашата економија е мала и отворена, па ако се намали побарувачката за нашите производи и странските инвестиции, домашните власти тоа не можат да го променат, туку само да го ублажат, децидни се експертите.
Сега гледате дека на глобално ниво имаме повеќе ризици. Со Брегзит се ископмлицира ситуацијата, има компликации поврзани и со намалување на растот на автомобилската индустрија во Германија, се ревидира надолу и растот на Кина, САД. Ревидиран е и растот на Европската унија, тој ќе биде само 1,3 отсто, и тоа е најниска стапка на раст на европската економија од 2013 година па наваму. А нашите најголеми трговски партнери се токму од европската економија, значи тоа директно ќе влијае на нашата економија, вели Борче Треновски, универзитетски професор.
Не ги потценува и внатрешните политички ризици, а загрижува и падот на бруто инвестициите. Се вклопува ли тука владиниот оптимизам дека не само што ќе ги надминеме предвидените 3,2 отсто, а натаму растот би одел и до 5 проценти, Треновски апелира на внимателност.
Тука мора да кажеме дека стапката на раст од 5 отсто е многу захтевна и предизвикувачка работа, имајќи предвид дека последниве неколку пати бруто инвестициите се намалуваат. Сега засега најголем придонес има извозот, а тоа е врзано со странските инвестиции, нето извозниците го влечат растот, како и домашната побарувачка. Но бруто инвестициите каскаат, тука треба да се насочат и силите на Владата, кога тие ќе почнат да растат, само така може да очекуваме повисоки стапки и опоравување на македонската економија, вели Треновски.
И Народна банка е загрижена од послабите показатели на индустрискиот сектор во Германија. Владата не отстапува од оптимизмот, се пофали со ланските бројки.
Најавивме, и дефинитивно ќе го реализираме тоа што се нарекува економска година, и покрај политичките импликации на претседателските избори, вели Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.
Од земјите во регионот подобри се Косово со очекуван раст од 4,2 проценти, Албанија 3,7 и Србија со три и пол отсто, зад нас е Црна Гора со 2,8 проценти. ММФ во најновиот извештај по втор пат ја намали глобалната прогно за раст за годинава, на само 3,3 отсто, што е најмала стапка од 2016, пред се заради зголемените трговски тензии и затегнувањето на американската монетарна политика.
Нина Нинеска-Фиданоска