
ММФ очекува зголемен економски раст во светот
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги подобри прогнозите за економскиот раст на глобално ниво за оваа и следната година, предвидувајќи поголема стапка на раст од претходно очекуваната.
Аналитичари на ММФ ја зголемија прогнозираната стапка на глобален економски раст за 0,2 процентни поени на 3,9 отсто.
„Причина за овие оптимистички прогнози за економскиот раст се очекуваните резултати од неодамнешната даночна реформа во САД“, изјави економскиот советник и директор за истражувања на ММФ, Морис Обстфелд пред почетокот на Светскиот економски форум во Давос.
Тој нагласи дека ММФ очекува изедначен економски раст во повеќето држави од светот, а во некои земји од Европа и Азија би можел да има „изненадувачи размери“.
„Последиците на новиот даночен систем во САД ќе бидат позитивни до 2020 година, но се очекува поради даночниот пакет од 2022 година да дојде до намалување на растот“, наведува ММФ во најновиот извештај.
Се додава дека забрзаниот раст е распространет, со позитивни изненадувања во Европа и Азија.
„Глобалниот раст се забрзува од 2016 година и сите знаци укажуваат на продолжување на тој раст“, рече директорката на ММФ Кристин Лагард.
Растот во еврозоната годинава ќе изнесува 2,3 отсто, што е за 0,3 отсто повеќе од претходно предвиденото, додека следната година ќе биде 2,2 отсто, што е за 0,4 отсто повеќе од претходната проекција.
ММФ оваа година очекува раст во САД од 2,7 отсто, што е за 0,4 отсто повеќе од претходно, додека во Кина очекува раст во 2018 година од 6,6 отсто, што е за 0,1 отсто повеќе од претходно, додека во Индија од 7,4 отсто, колку што и претходно се предвидуваше.