
Млака декларација од Самитот во Загреб
Европската унија уште еднаш ја потврдува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западниот Балкан. Оваа реченица напишана во првата точка од така-наречената загребска Декларација, по самитот ЕУ-Западен Балкан, е идентчна со зборовите нашишани во Декларацијата од Самитот во Софија пред две години. Унијата ги нарекува шесте земји од Западен Балкан партнери, никаде не го спомнува проширувањето, ниту пак пишува за заложби за редовни самити меѓу Унијата и балканските земји. По Самитот, кој се одржа во сенка на кризата од пандемијата со корона вирусот, се отвори прашањето дали балканските земји треба да бидат задоволни со оваа Декларација?
Млака е декларацијата. ЕУ воопшто не беше амбициозна овој пат. Дури не ни одговори на реалностите да ги регистрира промените што настанаа. На пример, одлуката за почеток на преговори со Македонија и Албанија. Се гледа тука една стагнација во однос на самото изразување, фразеологија, во однос на проширувањето и регионот во целина. Јазикот и содржината не одговараат на едно повисоко ниво на интеграција или за унапредување на процесот на проширување. Значи, не укажуваат на такво нешто. Унијата е крајно претпазлива во однос на проширувањето, вели Малинка Ристевска Јорданова основач на ЕПИ.
Европскиот дописник на Телевизија ЕН-еден, Никола Радишиќ вели дека многу работи се сменети кога ќе се види завршната декларација, во однос на нацрт-декларацијата. Но, додава дека бриселските дипломати Декларацијата ја толкуваат како јасен сигнал дека проширувањето и натаму е живо.
Оливер Вархеи вчера зборуваше пред Комитетот за надворешна политика на ЕП каде објасни дека тоа е всушност, израз кој го доби проширувањето „од раѓање“, како што вели тој, во Солун каде што и е усвоена солунската декларација и дека тоа е име кое се користи, а дека тоа значи проширување. Разговарав и со Жозеп Борел, ден пред Самитот, кој, исто така, ме уверуваше дека тоа е таа приказна. Дека станува збор за проширување, за европска перспектива на регионот и дека местото на регионот е во ЕУ, вели Радишиќ.
Македонската влада е задоволна од завршниот документ на загребскиот Самит. Велат дека доволно силен сигнал е што овој Самит воопшто се одржа.
Со оглед на контекстот во кој се случува овој загребски самит под впечатоците и последиците од корона кризата, во ситуација кога се уште не е донесен буџетот на ЕУ за наредните седум години, мислам дека ова е одличен сигнал. Затоа што прво беше под прашање дали воопшто треба и кога ќе се одржи во овие услови, а второ овој самит не беше превиден како самит на кој ќе се донесуваат одлуки или ќе се дискурира за проширувањето на ЕУ, смета главниот технички преговарач на Македонија, Бојан Маричиќ.
Сепак, во Декларацијата од Самитот, во последен момент, се внесени и Договорите со Бугарија и Грција, и Унијата бара видливи резултати во нивното спроведување. На прашањето, може ли ова да се толкува како победа на Бугарија или како вообичаен речник на Унијата кога станува збор за добрососедските односи, Јорданова одговара дека не може да се толкува по принципот на исклучивост.
Бугарија постави многу тврди услови уште во октомври и ги повтори сега со изјавата во март. Така што ова треба да се смета како на некој начин удоволување на Бугарија, но без да се загрози или прејудицира содржината на преговарачката рамка. Од друга страна Бугарија настојуваше цело време и успеа во тоа Договорот да го наметне како услов од иста вредност во рамките на добрососедските како и преспанскиот, но ќе видиме, вели Ристевска Јорданова.
За владата, формулацијата околу спроведувањето на двата договори, онака како што е напишана во загребската декларација, не би требало да звучи страшно бидејќи се повторува неколку пати и е еден вид заштита дека Македонија има јасна рамка за имплементација.
Сепак, запрашан за реториката на официјална Софија, Маричиќ вели има прашања кои излегуваат надвор од договореното со Бугарија.
Не би сакал детално да ги коментирам ставовите на Бугарија изнесени во тој дел затоа што ќе имаме прилика и официјално со нив да разговараме и не е добро на ваков начин преку јавноста да се коментира. Но, има дел од тие точки, без да навлегувам точно кои, коишто излегуваат од рамките на Договорот или пак не се во целост во согласност со Договорот, вели Маричиќ.
Иако нашиот простор е стеснет кај условите што ги постави Бугарија треба да се продолжи со внимателна политика кон државите членки и лобирање…овој период ќе биде многу тежок и осетлив. Бугарите се многу исклучиви и тука се чини дека опциите се стеснети, вели Ристевска Јорданова.
Институтот за демократија Социетас цивилис напиша дека очекувањата беа дека јазикот во загребската декларација ќе ја следи линијата на посилна посветеност за интеграциските напори на регионот, како онаа во последниот допис на Комисијата од 2020.
Новинарот Радишиќ, пак, вели дека интересот на Унијата за Западен Балкан не спласнува, но дека треба и владите во регионот да покажат конкретни резултати.
А дали ние навистина ќе стигнеме таму или не, мислам дека ние самите имаме одговор на тоа прашање. Дали е Македонија на ист ранг со Холандија? Дали Србија може да се мери со Германија? Дали Црна Гора може да и парира на Данска? Мислем дека не. Кога ќе го видиме само тоа гледаме дека ние сме проблем и дека нашите политичари веќе 30 години одново ја вртат истата приказна без конкретни резултати, смета Радишиќ.
Самитот во Загреб се најавуваше две години, и балканските земји имаа големи очекувања од него. Пандемијата со корона вирусот ја потисна темата за проширувањето, па француски Фигаро напиша „Европската унија сака да го смири Западен Балкан и испраќа помош од 3,3 милијарди евра“.
Марија Дивитарова