Младите учат за да заминат од земјава и да заработат повеќе пари

Младите учат за да си заминат од Македонија и да заработуваат повеќе пари на Запад. Се запишуваат на технички факултет и таму се подготвуваат за некоја струка. Надлежните прават планови како да ги убедат нив најпрво да се запишат во средно стручно училиште за оттаму да ја почнат подготовката за процесот на производство и индустријата. Се договараат со фирмите да им гарантираат работа веднаш штом завршат училиште. Плановите на хартија се едно, но реалноста е друга.

„Имам јас желба да се вработам во Германија.“ вели Омер Ѓерлек, ученик во СУГС „ЕМУЦ 8-ми Септември“.

Дури и бизнисмените кои се главни во компаниите ги разбираат младите кои сакаат да отидат во Германија. Но, таму е добро да се отиде за доедукација. Да видат идните работници, како се работи таму – сметаат тие.

„Треба да се оди во Германија. Германија е многу убава земја и таму може да се научат многу убави работи. И Македонија е убава земја ако работиме исто онака како што работат германците или пак работниците во Германија.“ кажа Трајан Ангеловски, бизнисмен.

Моментално 650 работни места за деца со завршено средно стручно се празни низ компаниите во Македонија. До овие бројки дошле од Центарот за меѓуетника толеранција. Тие 5 месеци го проверувале пазарот на труд и пресметале каде фали кадар. Сакаат да ги натераат младите да учат технички струки, а платите кои би им следувале кога ќе работат, тие не сметаат дека се ниски.

„Машински техничари имаат по 700-800 евра плата во компаниите во Македонија. Машински техничар, бравар, водоинсталатер и така натаму не е малку платен, да се разбереме.“ кажа Владо Димовски, претседател на Центарот за меѓуетничка толеранција.

Сите сакаат да работат канцелариска работа – се пожалија одговорните во средните стручни училишта. Лани во средното техничко ЕМУЦ, едно од најстарите и најреномирани во градот, се запишале само 14 нови ученици.

„Каде е иднината, каде е перспективата на оваа држава?! Ако имаме 170 илјади административци – од каде ние ќе црпиме средства? И упорно сите одат во гимназија, економско. Жално е училиште кое имало 900 ученици да се доведе на работ да се затвори едноставно. Да има 100 ученици.“ кажа Кенан Асани, директор на СУГС „ЕМУЦ 8-ми Септември“.

„Ги охрабруваме младите кои се уште не се одлучиле каде сакаат да го продолжат своето образование да одберат струки кои ќе им донесат знаење и подготвеност.“ кажа Борис Георгиевски, градоначалник на Општина Гази Баба.

Надлежните ветија дека и во иднина ќе се договараат со фирмите. Се надеваат дека почнувајќи од следната учебна година, повеќе надежни машинци и енергетичари со ветено работно место веднаш откако земат диплома, ќе се мотивираат и ќе се запишат во средно стручно училиште.

Петар Догов

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ