
Младите претприемачи најзаинтересирани за ИТ индустријата
Младите претприемачи, малите и средни компании се се’ позаинтересирани за реализирање на своите иновации на пазарот. Според Владата, бројките на пристигнати апликации од компаниите до нив за финансиско помагање на изработените проекти дополнително го потврдуваат тоа. До 11 јуни траеше јавниот повик за аплицирање на компаниите кои доставија инвестициски проекти, а нов конкурс следи на есен. За реализација на проектите, компаниите планираат да вработат над 1300 луѓе.
„Најголем дел од пристигнатите инвестициски проекти се во делот на инструментот иновации, односно 88 проценти. 92 проценти од средствата кои компаниите ги побаруваат за поддршка на инвестиции се во делот на развој иновации. Тоа е значајно заради што преку иновациите очекуваме зголемена додадена вредност во економијата и дополнително забрзување на економскиот раст, она што е и светски тренд. Најмногу инвестициски проекти имаме во делот на ИТ околу 30 проценти, по што следи енергетиката, технологијата и машинството, трговијата и градежништвото“ кажа Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
Апликации за парична помош од Владата за иновативност има од компании од различни сектори, но, најмногубројни се компаниите од ИТ индустријата. 60% од компаниите се од Скопје, а другите се од остатанатите градови. Според Фондот за иновации и претприемништво, рамномерниот економски раст низ целата држава треба да биде во фокусот во иднина.
„Примени се над 236 апликации прелиминарно коишто сега технички се обработуваат. Ние сме среќни и задоволни што 208 од нив, значи 88 проценти се во делот на иновативноста, што само покажува дека во Македонија има млади иновативни луѓе, има луѓе коишто имаат идеи. Вкупната инвестиција на сите компании коишто аплицирале е 52 милиони евра од коишто бараат 33 милиони евра помош од рамките на Фондот или 63 проценти, додека 37 посто или 19 милиони евра би биле нивна сопствена инвестиција“ кажа Кочо Анѓушев, Вицепремиер за економски прашања.
Според Владата, овие мерки кои се насочени кон економски раст на државата веќе даваат резултат. За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, доказ дека економијата е во лоша состојба е неисполнетото ветување на СДСМ за 500 евра просечна плата и зголемувањето на даноците.
„Економијата е руинирана, ништо од ветувањето на СДСМ за 500 евра просечна плата, ништо од враќањето на парите кај граѓаните, поврат на ДДВ нема. Даноците ќе се зголемуваат, а куповната моќ на граѓаните постојано паѓа“ стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
По ова, реагираа и од Социјалдемократскиот сојуз и според нив, тројното зголемување на долгот во 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ директно придонело за лошата состојба во економијата и џебот на граѓаните.
Петар Догов