Младински активисти завршија во полиција по герила акција

Герила-акција за испраќање еколошка порака доведе петмина младински активисти на информативен разговор со полиција во петокот попладне. Тие со црвена боја оставија отпечатоци на влезот од Министерството за животна средина. Денес траги нема, речиси се е исчистено. На бетонот сепак се уште се чита пораката ‘крвта на нашите деца’ која го симболизира мотивот на активистите кои немале многу време за протестирање бидејќи полицајците пристигнале веднаш. Поддршка за петмината биле претставници од Хелсиншкиот комитет.

Активистите од организацијата Fridays for Future соопштија дека станувало збор за обичен креативен перформанс, а чуварите на јавниот ред и мир предизвикале непотребна тензија. Биле повикани од обезбедувањето на зградата.

Од МЖСПП реагираат дека обезбедувањето постапува по протокол, а зградата е дом на повеќе институции. Акцијата на младинските активисти била ненајавена и надвор од работното време на нивната институција. Петмината биле задржани еден час од полицијата во просторија на Министерството. Едната од нив, малолетна, потоа била и приведена во полициска станица каде била задржана на информативен разговор уште еден час, а биле повикани и нејзините родители.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ