Млад затвореник кому во Охрид му давале силна терапија за смирување и заспивање најден мртов во кумановскиот затвор

Имал 22 години, во сабота наутро на пребројувањето во кумановскиот затвор, Љабинот Мисини не се јавил и стражарите откриле дека е починат. Од затворот повикале полиција и обвинител, а телото на 22-годишниот затвореник е предадено на обдукција. Според првичните сознанија не се откриени повреди од тепање или физичко насилство, а ќе се прават дополнителните токсиколошки анализи. Во истрагата се проверуваат и безбедносните камери. Мисини спиел во своето одделение каде затворениците се сместени во повеќе простории за спиење. Во својата спална тој бил сам, а вратата не се заклучува бидејќи има една голема врата со решетки пред заедничката просторија со повеќе затвореници.

Сите затвореници дале изјави, а исказ пред полицијата дале и стражарите. Од затворот тврдат дека Мисини претходно не барал лекарска помош иако во јавноста се проширија шпекулации дека во текот на ноќта му било лошо и барал лекар. Од кумановскиот затвор пратиле писмен извештај до Управата за извршување на санкции.

Управа за извршување на санкции: По прегледувањето на снимките од камерите, констатирано е дека во текот на ноќта никој не влегувал во неговата соба т.е. не престојувале други осудени лица со него во истата соба. Во непосредна близина на неговата ќелија има соба за надзор на осудените лица и од страна на затворската полиција како и од осудените лица во затвореното одделение не било забележано ништо невообичаено во текот на ноќта пред немилиот настан. 

Мисини пред 10-тина дена е испратен во кумановскиот затвор, а претходно издржувал казна во малолетничкиот затвор кој во моментот се наоѓа во Охрид.

Во Куманово, како жител со кумановска адреса бил донесен да издржи едногодишна затворска казна по пресуда откако ја запалил келијата и го уништил инвентарот во малолетничкиот затвор.

Наскоро му се подготвувал и трансфер во Идризово затоа што во скопска Апелација се водела постапка по жалба за негова пресуда од 3 и пол години затвор, на која бил осуден за силување извршено додека бил на отсуство од малолетничкиот затвор.

Во охридската поправна установа за малолетници бил еден од затворениците на кои им била давана терапија со силни таблети и лекарства за смирување и спиење, што беше откриено од народниот правобранител.

Во кумановскиот затвор Љабинот се жалел и неколкупати се заканувал дека ќе се повреди и ќе си наштети. Во саботата наутро го најдоа мртов, но се уште не е откриена причината за смртта на младиот затвореник чии најблиски живеат во странство.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ