
Мизрахи носела кадровски решенија дента кога била покрената постапката за нејзино разрешување
Рашела Мизрахи носела решенија за кадровски промени и овластувања на 14 февруари, на денот кога во Собранието беше покрената постапка за нејзино разрешување од функцијата технички министер за труд и социјална политика.
Ова го соопшти Владата по синоќешната седница на која е усвоена одлука за поништување на решенијата донесени од Мизрахи.
-На оваа своја седница Владата донесе одлука за поништување на решенијата за кадровски промени и овластувања на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи донесени на 14 февруари, на денот кога во Собранието на Република Северна Македонија беше покрената постапка за нејзино разрешување, се наведува во соопштението од Владата.
Владата на синоќешната седница донесе одлука за поништување на решенијата за распоредување на работно место, донесени од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
Со решенијата, како што информира владината прес-служба, Петар Ѓорѓиевски се распределува на работно место началник на Одделение за дизајнирање на наставни програми, Центар за обука, Организациски единици за потребите на МВР, Џелал Топалоски се распоредува на работно место полициски советник за СВР во Единицата за стратешко планирање стандарди и контрола на квалитет, Зоран Дуровски се распоредува на работно место началник на Одделение за полиција, СВР Битола – БЈБ, Горан Митев се распоредува на работно место началник на Одделение за криптозаштита, Сектор за безбедност на информации, Оддел за односи со јавноста и стратешки прашања, Организациски единици за потребите на Министерството при Министерството за внатрешни работи, додека Владимир Велковски се распоредува на работно место самостоен советник за меѓународна соработка во Кабинетот на министерот.