Мицкоски: Во политиката нема ништо случајно

Самоуверен, креативен, мотивиран – така новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ се опиша во интервјуто за Топ тема на Ваша страна на Телма. Мицкоски ветува нов статут, демократски избор на општински партиски функционери, опозициска борба со политиките на власта.

Најактуелни се преговорите за името, тој вели дека немаат никакви информации за процесот, но во ист контекст ја коментираше актуелната продажба на ЕДС на вицепремиреот Анѓушева на грчката национална енергетска компанија ППЦ и изјавите за името на вториот човек на владата.

Изненадувачки, во новиот Извршен комитет се најде место и за еден од реформаторите, внатрепартиските критичари на Груевски. Костадин Богданов како реформатор сега е и член на највисокото партиско тело. Добиле ветувања од новиот лидер за модернизација на партијата и очекуваат расчистување со тешкиот товар оставен во ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски сега има тројца потпретседатели Митко Јанчев, Александар Николоски и Владо Мисајловски, Груевски немаше ниту еден. Вели дека од стариот лидер не добил никакви услови за водењето на партијата и дека се кандидирал не по налог на Груевски, туку по совет на сопартијци. Не сака да се споредува со него, остава на времето, а тврди дека имало работи со кои не се согласувал со Груевски кога беше генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ е велешанецот Игор Јанушев, кој до скоро раководеше со скопскиот градски превоз. Во една од бомбите на СДСМ, Јанакиески на началник на струмичката полиција му го дава бројот на Јанушев за да обезбедат 300 лични карти за избирачи во Струмица. Мицкоски има само добри зборови за Јанушев, и не го смета за близок соработник на Миле Јанакиески.

Мицкоски за Телма искоментира дека новиот закон за јазици е предложен од нечесен политичар кој знаел дека новиот закон е неуставен, неквалитетен, а ќе носи и нови трошоци во имплеметацијата.

За оние што јавно застанаа против конгресот на кој беше избран, за Трајко Вељановски, Антонио Милошоски и Илија Димоски, кои испадна од листаа членови на Извршен комитет, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека и тие ќе имаат партиска задача и дека со нив се видел во вторникот.

Потврди дека се сретнал со американскиот амбасадор Џес Бејли и имале интерсна дискусија за злоупотребите на актуелни владеачки функционери.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ