Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ останува против законот за ЈО и е против амнестија

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека остануваат на ставот против законот за јавно обвинителство и обвини дека власта со сила наметнува законски решенија кои се спротивни на Уставот, на европските вредности и на интересите на македонските граѓани. ВМРО-ДПМЕ, рече Мицкоски, е против амнестија.

Тој оцени дека предложениот закон за ЈО на Владата, не ги содржи забелешките на експертите и повторно побара веднаш да создаде тим од експерти кои ќе го подготват текстот на законот и тој да се изгласа од следниот парламентарен состав, бидејќи, како што рече, целта е да се донесе квалитетен закон.

Според него, предлог законот за ЈО е спротивен на Уставот, и е монархистички бидејќи, како што рече, се менува членот за изборот на државни јавни обвинители, односно за ОЈО за организиран криминал, со Законот се овозможува амнестија за Заеви, за членови на неговата влада, како и амнестија за помал дел од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, односно оние кои, вели, се во негово заложништво.

-Заев со законот за јавно обвинителство со кој се сака да не важат прислушуваните разговори спроведува операција за амнестија, и тоа амнестија лично за Зоран Заев и членови на неговото семејство, амнестија за раководството на неговата партија и функционери од коалиционата влада за кои постојат сомнежи дека се силно инкриминирани во нелегални активности и амнестија конечно за помал дел од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, поточно за оние кои се во негово заложништво и решија да одработуваат за негови интереси, рече Мицкоски.

Со новиот закон, според него, се устоличуваат Русковска и Јовески кои му требаат на Заев да продолжат да ги споведуваат неговите наредби.

-На секој правник му е јасно дека станува збор за противуставен закон со кој се спроведува селективна правда, рече Мицкоски укажувајќи и на незаконитоста околу барањето за начинот на избор на државен јавен обвинител.

Еклатантен пример дека Владата го крши Уставот ќе биде доколку е вистина она што денеска го кажал пратеникот Артан Груби дека се бара „Бадентер“ за избор на државен јавен обвинител.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ