
Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за предвремени избори, но бара влада според Пржинскиот модел
Пратеничката група е монолитна и останува на ставот дека Договорот не доби легитимитет на референдумот, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во емисијата Отворено на ТВ Алфа.
За предвремени избори вели дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена, но мора претходно да се завршат одредени активности за да се дојде до предвремени избори.
„Имаме Изборен законик. На една од лидерските средби се договоривме дека кога ќе дојде ред за избори 100 дена претходно треба да имаме влада според Пржинскиот модел. Заев ќе се обиде да го прескокне тоа, да толкуваат уставни законски одредби за брзи избори меѓу 45 и 60 дена, но не може да избега од Пржинскиот модел за состав на владата“, кажа Мицкоски.
Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира на почитување на договореното.
Мицкоски додаде дека имат две барања: смена на државниот јавен обвинител со нов опозициски и формирање на собраниска анкетна комисија за референдумот.
„Менување на државниот јавен обвинител и назначување на нов, предложен од опозицијата за да ги испита сите нерегуларности на референдумот, но и на целото владеење на СДСМ во изминатава година ипол. Ќе предложам на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да предложи формирање на анкетна комисија во Собранието, која ќе се позанимава со целокупниот процес на референдумско изјаснување, ќе го разгледа од моментот на организирање на кампања, колку средства, за што се трошени, колку чинела секунда во поедини медиуми, па се до бруталното полнење – рече Мицкоски.
Според Мицкоски, повеќе од 50.000 гласови биле насилно и девијантно полнети во избирачките кутии.