Мицкоски со нови предлози до СДСМ за изборите

Премиерот јавно да се откаже од Договорот со Грција, да се оди на избори, а по изборите да се формира ново јавно обвинителство кое ќе го замени СЈО и ќе ги истражи прислушуваните разговори и сомнежите за криминал и на претходната и на актуелната Влада. Ова е најновиот предлог на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за излез од политичката криза.

  • Власта, непринципиелно, лажно ме обвинува веќе подолг период дека сум барал и тајно преговарал некаква општа амнестија, и на тој начин сака да ме девалвира мене лично, а и практично да ја дефокусира јавноста од сите нејзини криминалии и незаконски дејства. Па измислуваа дека намерно сме го кочеле политизираното СЈО наводно така попречувајќи ја правдата. Па потоа ја надградија оваа теза дека наводно поддршката од пратениците за договорот сум ја условувал со некакво барање за некаква амнестија, рече Мицкоски.

Одговорот на Мицкоски на прашањето, пак, дали до неговата партија имало непристоен предлог за аменстија на претходното раководство во замена за двотретинско мнозинство, беше загадочен. Рече и дека не сака да верува дека    некој од пратениците од неговата партија преговара за обезбедување на двотретинско мнозинство за уставни измени.

Поранешниот премиер Никола Груевски денеска на својот фејсбук профил упати предупредување до неговата партија да не прифаќаат непристојни предлози за да го спасат него.

СДСМ излегоа со толкување дека обраќањето на Мицкоски е под влијание на поранешниот лидер.

Костадинов повтори дека, доколку Мицкоски остане на своите барања, единствен излез се предвремени избори веднаш. Во меѓувреме, секој ден јавно ги охрабруваат пратениците на ВМРО ДПМНЕ да се осмелат и да гласаат за уставни измени.

Костадинов не одговори директно на прашањата, како ќе се изведат брзи вонредни избори, кога Изборниот законик предвидува техничка влада 100 дена претходно. Рече дека не се очекува средба меѓу Заев и Мицкоски, но и тоа не е исклучено. Утре претпладне во Собранието е закажана и координација на пратеничките групи, на која ќе бидат информирани за текот на преговорите. По ова, ќе се носи одлука дали во среда ќе се распишат вонредни избори.

 

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ