Мицкоски потврди дека е лидер со многу извичници

Огнен и гласен, Мицкоски во говорот мораше да употреби 40 извичници впишани во говорот. Извичници имаше повеќе отколку Македонија и македонски, кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги кажа 38 пати. Само двапати беше употребено уставното име, Република Македонија и тоа заедно со владата против која вчеравечер се одржаа масовните протести и пред која се побараа предвремени избори догодина заедно со претседателските.

Економијата претрпе најголеми критики од Мицкоски, дека е неуспешна и лоша- вицепремиерот Анѓушев одговара дека тоа се неаргументирани критики, но и дека чести избори влијаат на економијата.

Предвремените избори од опозицијата треба да се бараат побрзо, а премногу е рано за лоша оценка на актуелната власт, смета политикологот Кржаловски.

Од друга страна политикологот Божиновски пак смета дека периодот за барање на нова техничка влада за избори по урнекот на пржинската е навреме.

Во едно, аналитичарите се сложни, митингот беше масовен и му даде легитимација на новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Интересно е дека Мицкоски во својот говор повеќе го употреби презимето Заев, вкупно 17 пати отколку заменката јас или сопственото име Христијан, кои заедно се слушнаа 12 пати. Презимето на политичкиот ривал беше кажано повеќе и од ВМРО, кое Мицкоски го кажа 11 пати. Премиерот вчера рече дека ќе ги следи пораките на опозицијата, а прес службата на владата соопшти дека вчера попладне додека се подготвуваше митингот во Скопје тој прославил 25 години матура во струмичката гимназија.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ