
Мицкоски: Новиот ИК е составен од високо мотивирани луѓе кои ќе дадат идеи и додатна вредност во периодот што доаѓа
Вечерва Централниот комитет на ВМРО – ДПМНЕ избираше нов состав на Извршкиот комитет.
По тој повод разговаравме со новиот партиски лидер Христијан Мицкоски.
Запрашан за новиот состав на ИК, тој кажа дека станува збор за луѓе кои долги години поминале во партиската хиерархија, и чиј активизам поминал низ сите партиски фази. „Дел од нив биле ангажирани и во централните органи на партијата, како што се процесите кога ние имаме регионални односно републички изборни штабови пред изборите. Мислам дека станува збор за луѓе кои имаат исклучително значење за партијата од минатото, луѓе кои што се силно мотивирани, луѓе кои што претпоставувам ќе бидат предвесник на многу идеи, луѓе кои што ќе додадат вредност во самата ВМРО-ДПМНЕ во периодот кој што доаѓа“, изјави Мицкоски.
Запрашан за новиот генерален секретар, Игор Јанушев, човек кој се појавува во „бомбите“ и прима наредби од Миле Јанакиевски, Мицкоски го опиша како долгогодишен партиски член и негов близок соработник. Мицкоски додаде дека не слушнал ништо од содржината во бомбите и дека не сака да коментира нелегално стекнати материјали.
„Јанушев е близок соработник на Христијан Мицкоски, и кога јас бев генерален секретар тој беше мој соработник, тој не е соработник на Миле Јанакиевски“.
За отсуството или „чистката“ на старите функционери како Милошоски и Димовски, кои се противеа на одржување на Конгрес и беа дел од таква партиска иницијатива, Мицкоски кажа дека станува збор за нов состав на ИК, дека тоа е еден динамичен процес.
„Ова е негова првична верзија, која ќе трпи додавања на нови личности. Овој состав е една добра почетна позиција која ќе се доградува до конечната физиономија“.
Мицкоски демантираше дека постои анимозитет меѓу новото раководство и потписниците на иницијативата. „Ова не е казна, не постои такво нешто, туку е процес, каде кадрите се менуваат, некои ќе влегуваат, други ќе излегуваат“.
Тој отфрли дека постојат какви било црни листи на непосакувани и неподобни партиски членови во новите партиски органи. Мицкоски отфрли и секакви можни влијанија кои го прават зависен од Никола Груевски и дека во партијата не може да станува збор за контрола на луѓе, затоа што сите личности се слободоумни луѓе кои одлучуваат за себе.
Мицкоски обвини дека е прекрсен процесот при апсење на пратениците на ВМРО – ДПМНЕ и дека бесправно се лишени од слобода.
Тој како претседател на најголемата македонска партија кажа дека сочувствува со оваа ситуација и дека ги следи законите и правилата за да направи се и да се избори нивната невиност да биде докажана.
“Што доколку ние ја докажеме нивната невиност? Кој ќе сноси одговорност? Дали премиерот на државата? Министерот за внатрешни работи, што прекрши неколку членови од кривичниот законик и од Уставот на државата и од други типови на документи, ќе сноси ли одговорност и ќе поднесе ли неотповиклива оставка? Многу закони се прекршени во процесот на нивно апсење.Што доколку ние како луѓе и нивните адвокати ја завршат правната постапка, дали во Македонија или пред Судот за човеков права во Стразбур, и се донесе одлука дека апсолутно бесправно биле ставени во притвор? Мора да се воведе институтот “одговорност“ во оваа држава. Не може вие да имплементирате сила затоа што чувствувате дека сте силен човек. Мора да ги почитувате законите! Во првиот момент кога ќе се соочите со фактот дека не сте ги почитувале законите, вие мора да сносите одговорност за тоа“, порача Мицкоски на Телма телевизија.
Според Мицкоски не постоело сценарио на ВМРО – ДПМНЕ за влез во Собранието. „Апсолутно не знаев дека ќе влезат маскирани лица во Собранието, ниту пак дека на таков начин може да се избере претседател на Парламентот. Тоа во Собранието беше реакција на акција“.