
Мицкоски на средби со Могерини и Хан
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во Брисел, се сретна со високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и комесарот за проширување и добрососедски односи Јоханес Хан, како и со европратениците Андреј Ковачев и Кнут Флекенштајн и Генералниот секретар на ЕПП Антонио Лопез Истуриз.
„Она што нас не загрижува како најголема опозициска партија е негативната слика за економијата во државата, негативните процеси од аспект на реформите во правосудството, злоупотребата на државните институции во партиски цели и сето она што можеме да го наречеме со два збора политички терор. Се надеваме дека во иднина овие зборови ќе изостанат од нашиот вокабулар и ние само ќе зборуваме за реформи, реформи и што побрзо интегрирање на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО“, изјави Мицкоски.
Мицкоски рече дека со Могерини разговарале за проблемот со името, реформите во правосудството и злоупотребата на државните институции во партиски цели, како што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го нарече, политички терор.