
Мицкоски: Мнозинство од вмровците или ќе апстинираат или ќе гласаат против на референдумот
Сите граѓани во Република Македонија на 30 септември на претстојниот референдум треба да постапат според сопствено убедување, слушајќи го срцето и расудувајќи според разумот, истакна вечерва лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за ТВ Телма, избегнувајќи конкретно да даде одговор на прашањето како тој како лидер на најголемата опозициска партија ќе постапи и каков пример ќе им даде на симпатизерите и поддржувачите на неговата партија.
Доколку волјата на народот е да успее референдумот и доколку го поддржи Договорот за името, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја почитува таа волја за спроведување на следните чекори.
Според него, најголемиот дел од членовите и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ или како што рече ќе апстинираат или ќе гласаат против.
Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е принципиелна и јасна во однос на референдумот. – Доколку референдумското прашање во себе го содржеше само Договорот од Преспа ќе стоев зад тоа што го изнесов во јуни, дека ќе излезам на референдумот и оти ќе работам на тоа граѓаните да ги убедам да гласаат против, рече тој.
Додаде дека доколку прашањето било еднозначно и се однесувало само на Договорот, тој ќе ги повикал симпатизерите и поддржувачите на партијата да излезат и да гласаат против.