
Мицкоски: Ќе сториме сè Договорот да не успее
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска се обрати на присутните демонстранти пред Собранието.
„Ќе остане запишано дека оваа неправда на народот, ја прават оние кои ветуваа живот, брда и долини. Тоа го правеа само да се доведат до власта, измамнички и за да го направат тоа што го прават денеска. На власт се доаѓа со труд и посветеност. Единствен билет за останување на власт е оваа промена на името и иденитетот. Тој билет не е за народот, туку за власта. Се колнеше Заев во најмилото дека Уставот нема да го смени. За тоа ли се колнеше? Овие луѓе се измамници и така опстојуваат на власт, без чест и образ-ѓон. Сето ова почна преку насилен избор за претседател на Собранието и не победија на парламентарните избори. Дадоа гаранции дека нема да го менуваат карактерот на државата. Рекоа дека нема да го менуваат уставното име, а луѓе заглавија во затвор, поради тој 27 април“, истакна Мицкоски денеска на своето обраќање.
„Јас сум против промена на името, не затоа што сум против ЕУ, туку затоа што си ја сакам Македонија, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред Собранието на Македонија. Вчера тој им се придружи на протестите против уставните измени.
Тој вели дека Договорот за името е штетен и дека како партија ќе сторат сè што е во нивна моќ, тој Договор да не се случи.
„Потребно е масовно обидување, да си подадеме рака меѓусебе, љубовта кон татковината е поголема од сите разлики, сакаат да не разделат за да полесно им минува предавството, само заедно ќе победиме. Ние со Заев на чело сме сè подалеку од ЕУ. Власта дезинформира дека еден е изборот ако сакаме напредок, а всушност изборот е меѓу кариерата на Заев или победата на Македонија. Ние ја одбираме победата на Македонија“, рече Мицкоски.