Мицкоски: Ќе пукнеме од мака додека гледаме како се распродаваат националните интереси

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е гостин во денешната Топ Тема На Ваша Страна.

На самиот почеток Мицкоски му реплицираше на премиерот Заев, кој од собраниска говорница и порача на опозицијата дека ќе пукне од мака што не го решиле спорот за името.

Христијан Мицкоски: Ќе „пукнеме“ од мака додека гледаме како се распродаваат националните интереси во земјата која ја сакаме и првиот човек кој треба да ја води Македонија кон реформи и напредок го крши Уставот и дрско и безобразно се обраќа во Собранието. Ќе одговориме на овие провокации и ќе ги зачуваме македонските интереси.

Според Мицкоски и покрај фактот што Заев се заколнал пред Уставот, постојано го крши Уставот и законите на Македонија.

„Кога станува збор за колнењето, тоа е негова одлика да често пати се колне, а гледаме дека и покрај тие колнења тој истите ги прекршува. Така што, она што се заколнал пред Уставот дека ќе ги штити интересите на граѓаните, ќе го штити државниот и националниот интерес, ќе ги штити законите и Уставот во пракса се случува сосема спротивното“, вели Мицкоски

„Кога Заев го откри капитулантското дело имавме седница на Извршниот комитет ја дадов изјавата дека ќе гласам против овој договор на референдум. Уште не знаеме дали ќе има референдум, се уште не е формирана ДИК“.

„ВМРО-ДПМНЕ работеше напорно и ги изработи сите неопходни реформски закони неопходни за влез во ЕУ во Собранието. Следеше процес на изготвување на Закон за финансирање на политички партии и Закон за Влада кој се избегнува, за потоа да се реши изборот на ДИК кој се уште го нема“.

„Има 14 кандидати за составот на ДИК ништо не е официјално, со власта не сме седнале да се договориме, рокот за Законот за ДИК е истечен и треба да разговараме за нов закон, тоа што го договоривме како редослед не го почитуваат“.

Запрашан дали имал средби со Заев, Мицкоски кажа дека немале комуникација кога било најважно, ниту сега имале било каква комуникација. „Меѓупартиските групи засега се во застој, чекаме повратна информација од СДСМ“.

Во однос на договорот за името со Грција, Мицкоски кажа дека: „Во договорот стои доколку втората страна (Македонија) одлучи тогаш ќе има референдум. Заев се колнеше дека нема да дозволи промена на име, на Устав, на институции. Доколку имаме јасен став дали ќе има референдум или не, какво ќе биде прашањето и содржината тогаш ќе донесеме одлука“.

Мицкоски јасно потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ не стои зад кампањата за бојкот на референдумот која некој ја води на социјалните мрежи. „ВМРО-ДПМНЕ апсолутно не стои зад кампањата на Фејсбук за бојкот на референдумот и кога имате нерационални политики и политики кои што се спротивни на државните и националните интереси, а вие сте дел од опозицијата, во случајот јас како претседател на најголемата опозициска политичка партија моја чест и должност е да го зачувам достоинството на партијата, татковината и граѓаните во Република Македонија“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски кажа дека денешното второ ратификување на договорот никој не го славел. „Јас денеска патувајќи од седиштето до вашата телевизија наидов на неколку полициски блокади, бариери и слично каде е ограничено движењето на граѓаните во овој град и ги прашав полицајците на што се должи сето ова и дали можеби се подготвува некакво славење, радост на граѓаните на Република Македонија, бидејќи во парламентот помина тоа што помина денеска, но тие ми рекоа дека се подготвуваат протести, а овој одговор ме зачуди бидејќи доколку нешто е за славење и ако е нешто добро за граѓаните, добро ќе беше тие да го прослават и да има некаква еуфорија и да се создаде впечаток дека Македонија триумфирала и дека по една година навистина дојде животот“, истакна Мицкоски.

Лидерот на ДПМНЕ ја обвини МВР за неажурност, додека според него, власта инфилтрира свои структури на протестите.

„Протести на кои има сценарија, има инфилтрирани структури на власта, има можност за инциденти и реакција за полиција не поддржуваме. Симптоматични беа тие протести, не видовме ни постапки од МВР по инцидентите како што најави Спасовски. Недолжни граѓани беа подлегнати на тежок терор од страна на полицијата“.

Во однос на непотпишување на указот од страна на претседателот, Мицковски кажа дека Иванов е последниот браник на Уставот на РМ.

„Тој постапи како што треба секој родољуб да се грижи за националните интереси. Јасно и гласно кажа зошто не го потпишува указот за договорот“, додаде Мицкоски.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ