Мицкоски: Илинден е влегување во финишот на една вековна борба за слобода

Илинден не е почетокот, туку влегувањето во финишот на една вековна борба за слобода, каде многу генерации херои и хероини ги положија своите животи. Илинден не е само Крушевското востание, туку многу повеќе од тоа, воскрикот на Македонецот, на секоја педа македонска почва, истакна денеска лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски по полагањето цвеќе пред споменикот на двата Илинденa и на заедничката гробница на паднатите востаници во струшкото село Ташмаруништа.

Илинден, додаде, е и отпорот и пркоста на Ташмаруништа, жилавоста на битолските и охридските комити и војводи, отпорот на секој слободно мислечки Македонец против тогашната власт која притискала, прогонувала и заробувала. Навраќајќи се низ историјата и говорејќи за значењето на двата Илиндена, Мицкоски заклучи дека ВМРО е темелот на Илинден, а се осврна и на идеолозите на борбара за слобода.

„Гоце Делчев беше идеологот на таа борба за слобода чија судбина не сакаше да го дочека Илинденското востание, но неговото име и чест продолжи да живее. Тука се и Даме Груев, Татарчев, Никола Карев, Ѓорче Петров, Христо Узунов, Методиј Патчев, се до Ченто, Пирузе, Панко, Апостолски. Сите се ова македонски синови од кои не смееме и немаме ниту историско право да се одречеме ниту да го посрамотиме нивното дело. Илинден е и потсетник дека не смееме да скршнеме од патот натопен со крв на хероите кои ги положија животите. Илинден е и наша должност кон нашите предци и паметник за тоа како ја добивме слободата која мора постојано да ја браниме. Илинден е и последниот здив на комитетите и партизаните кои гинејќи за каузата беа верни на делото „Смрт или слобода“, истакна лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.

Во своето обраќање, Мицкоски говореше за економијата, а неизоставен беше и политичкиот дел и нападите на власта. Се осврна и на случајот „Рекет“, зад чии осомничени смета дека стојат функционери од власта. Забележа дека некои луѓе верувале дека Зоран Заев и Специјалното јавно обвинителсво ќе донесат правда, но додаде оти биле разочарани.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ