
Мицкоски: Пописот без консултации е политичка трговија како на зелен пазар
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вечерашното интервју за Топ Тема, изјави дека најголемата опозициона партија не е против одржувањето на пописот во државата и против одржувањето вистинска, реална статистичка операција во Република Македонија, која би детерминирала како би се развивала државата.
“Но ова што сега на брза трака се става во Собранието, без учество на опозицијата и главната политичка партија на политичката сцена во република Македонија, навистина е целосно спротивно на сето она што го слушаме од владините јуришници, од СДСМ и ДУИ, за некакви европски вредности. Ова наликува на една политичка трговија, налик на зелените пазари ” – рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека претпоставува дека премиерот Зоран Заев со ова ги отплаќа долговите кои пред 3 години го донеле таму каде што е сега.
Според Мицкоски, суштински е дека кога се отпочнува таква голема статистичка операција како пописот, логично е сите стејкхолдери на политичката сцена да бидат поканети и да земат учество.
Тој додаде дека според методологијата која е избрана треба да се попишуваат сите лица кои имаат матичен број на Македонија, но не значи дека се државјани на Македонија или пак дека се уште се живи.
Во однос на најавите за можни промени на изборниот законик , тој негираше дека промените на изборниот законик кои власта ги доставила до ВМРО-ДПМНЕ, имало детали за промени на бројот на изборни единици, туку се однесувале единствено на статусот на државната изборна комисија.
Според Мицкоски, во јавноста се погласни биле шпекулациите дека ова што се прави со промените на изборниот закон, најверојатно е договорено на средба која Заев ја имал помеѓу двата круга на претседателските избори во Тетово со повеќе лица, на кои се дискутирало за политичко редифинирање на република Македонија а новиот изборен модел можеби треба да му кумува на тој процес со исцртување нови граници.
Во однос на бројот на изборни единици кои треба да ги има во државата според ВМРО-ДПМНЕ, тој не даде конкретен одговор, најавувајќи дополнителни консултации за тие прашања. Според него може да се размислува и за бројот на изборни единици и за висината на прагот кој би требале да го преминат партии за влез во собранието а како интересна ја опиша и идејата за 120 изборни единици, бидејќи имаме 120 пратеници.
Тој потенцираше дека може да се размислува и за примена на отворени листи, но најпрвин тоа да се практикува на локалните избори за општински советници а подоцна и евентуално за избор на пратеници.