
Мицкоски: Договорот со Грција е против македонските национални интереси и држава
Договорот со Грција е штетен и не треба да се прифати, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од протестниот марш што денеска се одржа во Охрид. Ова се времиња на искушенија и историски моменти, рече тој. Побара од граѓаните добро да размислат за својата одлука затоа што, како што истакна, последиците можат да бидат погубни за земјата и Македонскиот народ, неговиот идентитет, култура, историја, но и иднина.
Мицкоски ја обвини владата на премиерот Заев дека наместо исполнување на ветувањата и економски просперитет, ја втурнале земјата во пропаст и дека се обидуваат со недемократски средства и закани да ги присилат граѓаните да излезат на претстојниот референдум.
Референдумот може да биде успешен само доколку на него излезе потребниот број граѓани. Ништо повеќе и ништо помалку, додаде Мицкоски. Тој порача дека доколку референдумот не успее, тоа ќе биде вовед во предвремени парламентарни избори, на кои, како што рече, народот ќе ја казни погубната политика на актуелната власт.
Горан Момироски