Мицкоски бара избори, не прифаќа сугестии од сопартијците

ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за избори, Пржинската Влада останува како услов. Уставните измени нема да се подржат. Партијата ќе отпочне да ја подготвува изборната програма и да ги реорганизира општинските комитети. Ова е заклучокот од вчерашната седница на Извршниот Комитет. Заклучоците ќе треба да се парафираат на највисокото партиско тело, Централниот комитет.

Но, на повеќечасовната средба во Белата палата имало жестока дебата за актуелната ситуација. Според извори на Телма на синоќешниот Извршен Комитет на Партијата било поставено прашањето околу предлогот на Панчо Минов амандмански да се интервенира за одложена примена на името Република Северна  Македонија за што премиерот Заев изрази подготвеност да разговара со Мицкоски и со Ципрас.

Ваквиот предлог бил искритикуван и отфрлен од еден од потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ. Нашите информации говорат дека висок функционер во партијата укажал дека предлогот на Панчо Минов не треба воопшто  да се потценува туку може само да се надгради во однос на Уставните промени, па побарал да се стават на гласање неговите предлози за уставни аманмани.  Предложени биле 3 амандмани:

1. Да се гарантира македонскиот идентитет и македонскиот јазик.

2. Името  Република  Северна Македонија за надворешна употреба да се примени веднаш по што Македонија би влегла во НАТО.

3. Внатрешната промена на Уставното име да биде сукцесивно применувана односно комплетно да се имплементира внатрешната промена на името кога Макеоднија ќе влезе во ЕУ

Високиот функционер побарал од раководството на партијата заради заштита на народот и негово сплотување да му биде предложена на Заев комплетна амнестија за 27 -ми април за сите лица во која ќе бидат опфатени и пратениците.

Овие точки требало  да се стават на дневен ред на Извршниот Комитет да бидат изгласани, а потоа за нив да расправа и да се изјасни Централниот Комитет на Партијата.

Доколку се усвоиле овие барања тогаш пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ако сакаат можат да гласаат за промена на Уставните амандмани.

Мицковски се спротиставил на ваквите предлози и  директно  одговорил дека за ваквите точки нема зошто да се преговара со Заев затоа што партијата ќе оди на избори во кои според него би победила ВМРО-ДПМНЕ. Мнозинството членови на ИК сепак донеле заклучок да се оди на избори и да не се гласаат Уставните измени.

Дел од високите функционери на Мицковски му укажале  дека дури и да победи на изборите прашање е дали воопшто може да се направи Влада и со кој ќе коалицира. На седницата не се разговарало за евентуални исклучувања од партијата на оние кои излегоа да гласаат на референдумот.

Лидерот на ВМОР-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку видео обраќање порача дека одговорноста за сите состојби во државата ги имаат Владата и пратениците. Го обвини Заев дека ја втурнува замјата во општествена, економска и политичка криза.

Реагираше СДСМ.

„Христијан Мицкоски пропушти уште една шанса да ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени коишто го гарантираат македонскиот идентитет и го отвораат патот кон ЕУ и НАТО. Мицкоски останува пион на Никола Груевски кој по секоја цена сака амнестија за неговиот претходник. Очигледно дека Мицкоски би посакал и криза за да може да се пазари за амнестија за Груевски. Нема да има амнестија, ниту ќе има криза“, пишува во соопштението од владејачката партија.

Јулијана Пешевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ