
Мисиите во Авганистан и во Ирак на маса пред министрите за одбрана на НАТО
Редефинирање на мисиите на НАТО во Авганистан и во Ирак, стабилноста на Блискиот Исток, но и релациите со Русија и нејзиното непочитување на Договорот за ракетни системи се тема на дводневниот состанок на министрите за одбрана на Алијансата кој почнува попладнево во Брисел. Соработката со ЕУ е уште една тема на разговор за што на состанокот ќе присуствува и Високиот претставник на Унијата за надворешна политика Хозе Борел.
Македонија иако вчера го ратификуваше протоколот за пристапување во НАТО не е тема на состанокот на кој ќе учествува и министерката Радмила Шекеринска. Сепак важноста на состанокот за земјава е голем бидејќи македонските сили учествуваат во мисијата „Одлучна поддршка“ на НАТО во Авганистан, а доколку Алијансата го прошири и засили своето присуство во Ирак тоа може да повлече и нов ангажман на македонската армија во уште една НАТО мисија.
Во рамки на министерскиот состанок предвидени се повеќе билатерални средби на Шекеринска со нејзини колеги, но и НАТО претставници на кои ќе се разговара за процесот на целосна интеграциија на земјата во НАТО по нејзинотот полноправно членство, процес кој македонските власти сакаат да го финишираат до 2024 година. Тоа освен дополнително усвојување од страна на Македонија на неколку протоколи на НАТО кои произлегуваат од Вашингтонскиот договор, ќе значи и целосна усогласување на воениот и цивилниот сегмент на армијата со потребите на НАТО.
Македонија како полноправна членка на НАТО на располагање ќе стави лесна пешадиска батаљонска група за што се веќе почнати индивидуланите и колективните обуки, како и опремувањето.
НАТО пак во 2021 година ќе изврши проценка на целите за способност на македонската армија кога на земјата ќе и биде поставен и прецизен рок до кога треба да ја заврши трансформацијата на силите за целосна интеграција во НАТО.
Од Брисел, јавува Тамара Грнчароска