
Груевски половина година со „неоправдани“ во Собранието- владеачките бараат одземање на пратеничкиот мандат
Чекаа, броеја и стигнаа до законскиот рок, пратениците од власта денеска објавија дека поминаа точно 6 месеци откако почна неправданото отсуство на пратеникот Никола Груевски. 6 месеци неоправдано е уставниот и законскиот рок по кој Собранието треба да отвори расправа за да му се одземе мандат на пратеник. За половина година бегство потсети потпретседателката на Парламентот која покрај разрешување бара и конечно да се каже како избега Груевски кој од азилот во Унгарија успеа да објави и книга.
Пред сериозен тест е Обвинителството и Врховниот суд – ОЈО да даде одговор за истрагата за бегството, а Врховен суд да одолее да не ја укине пресудата за затворската казна. Во меѓувреме, бидејќи се распишал азилантот очекувам да објави книга за неговото “храбро” бегство, како лекција – модус операнди за криминалистите, а роман за сите останати, подвлече потпретседателот на Собранието, Фросина Ременски Ташевски.
Спикерот Талат Џафери е во посета на Австрија, а од собраниските служби за Телма потврдија дека по 15-ти мај следува отпочнување на процедурата за одземање на мандатот.
Прво ќе расправа комисијата за мандатно-имунитетни прашања, а потоа расправата се сели на пленарна седница каде треба најмалку 80 пратеници да гласаат за и да му го одземат мандатот на поранешниот премиер.
По двегодишната затворска казна за случајот Тенк, Собранието не успеа да му го одземе мандатот на Груевски, затоа што немаше 80 гласа за.
Сега пратениците од власта велат дека ќе се види дали ќе има доволно гласови за одземање на мандатот.
Првата седница за одземање на мандатот на Груевски беше на 9-ти ноември лани, истиот ден кога Груевски без да го забележи полицијата успеал да го напушти својот стан и да го отпочне своето бегство. Два дена подоцна ја преминал границата кон Албанија.
Од 9-ти до 13-ти Ноември кога Груевски на Фејсбук откри дека е во Будимпешта и побарал азил поради како што навел политички прогон во Македонија, поранешниот премиер во собрание се водеше како пратеник кој пријавил оправдано отсуство.
А Груевски веќе три дена бил во Унгарија каде доби азил, а во таковината му отворија и друга истрага, осомничен е за организирање на крвавиот четврток.
Миомир Серафиновиќ