
Минстрој предлага Фени да биде продаден, наместо да се реализира лошиот план за реорганизација
Бугарски Минстрој не се откажува од купувањето на Фени. Нивните правни застапници денеска повторија дека се подготвени да ја купат компанијата и да вложат во нејзино рестартирање, но и дека стечајниот управник и стечајниот судија направиле и прифатиле лош план за реорганизација на Фени во стечај, што може да оштети дел од доверителите. Предлагаат ФЕНИ да биде даден на лицитација на која некој од најзаинтересираните компании ќе понуди добра цена.
Со Фени во моментот стопанисува швајцарската компанија Џи Сол која е регистрирана на Карибите, а ја водат грчки бизнисмени. Комбинатот им е изнајмен за 100 илјади евра месечно. Џи Сол исто така ги презеде најголемите долгови кон две банки и МЕПСО и предложи план за реорганизација кој сега е прифатен.
Од друга страна главен конкурент за Фени претходно им беше уште една бугарска фирма Енекод, која од кавадаречкиот гигант побарува 90 милиони денари, а денеска преку соопштение ЕНЕКОД изрази сомнеж дека долгот нема да им биде подмирен и дека надлежните стечајни органи го привилегираат најголемиот доверител.
Фени отиде во стечај по лошото менаџирање и намерно извлекување на околу 50 милиони евра од комбинатот, извршени од претходното раководство на Кунико ресурси , за што сега истрага води финансиската полиција. Во борба за контрола врз Фени се Енекод и Џи Сол кој сега стопанисува со комбинатот, додека бугарски Минстрој сака да го купи и да го отвори рудникот Ржаново.
Миомир Серафиновиќ