Министрите на ДУИ чекаат Ахмети да пресече дали ќе бидат реконструирани

Дали ќе бидат реконструирани, министрите од ДУИ, Бектеши и Адеми, својата судбина ја препуштаат во рацете на претседателството и лидерот на партијата Али Ахмети.

Тој и премиерот Зоран Заев на заедничка маса кон крајот на наредната недела ќе пресечат кои од владините функционери не дале добри резултати и ќе мора да се збогуваат со Илинденска, што треба да се случи на почетокот на јуни. Министерот за економија тврди дека предметот што за него го покрена Антикорупциска – завршил, и се утврдило дека нема непотизам, туку во прашање била техничка грешка.

Не е негова работа, вели, да прави анализи на она што го сработил, туку на органите на партијата, а со него се согласува и првиот човек на образование.

„Јас сум дел од ДУИ, а ДУИ е сериозна политичка партија, која има свои органи, има претседателство, но истовремено има и лидер, господинот Али Ахмети, кој ќе одлучи за неговите кадри. За мене не е важно дали јас ќе бидам сменет или не, за мене е важно да се реализира програмата на ДУИ, која е инкорпорирана во владина програма. Ако одлучи ДУИ дека јас треба да одам на друго место, или да го испуштам ова место, јас, каде што ќе каже мојата партија, таму ќе го дадам мојот придонес за доброто на партијата, но и за доброто на државата“, вели Крешник Бектеши, министер за економија.

„Потполно се согласувам со изјавата на колегата Бектеши, и максимално сме фокусирани на работата на мојот ресор, така што ќе продолжиме со истата динамика“, вели Арбр Адеми, министер за образование.

Колкумина министри и заменици, државни секретари и директори ќе настрадаат од метлата, уште не се знае.

Неофицијално се зборува дека по барање на премиерот се направени и анкети за рејтингот, кои покажале дека министрите за надворешни, за труд, и за финансии, Димитров, Царовска и Тевдовски, имаат меѓу подобрите рејтинзи кај граѓаните.

Нови министри ќе мора да има во испразнената Култура, за што премиерот треба да разговара со претседателот на Алтернатива, Гаши, но и во новото Mинистерство за политички систем. Хазби Лика си заминува, затоа што нема да постои Секретаријатот за Рамковниот договор.

Премиерот обзнани дека смени ќе има и внатре во партијата, а се зборува и дека некои градоначалници ќе си поднесат оставки. Првиот човек на Скопје и потпретседател на СДСМ Шилегов, вели – ќе мора да се донесат одлуки.

„Ќе седнеме во периодот што следува, да помине инаугурацијата на новоизбраниот претседател Стево Пендаровски и формално да бидат завршени изборите, ќе ги направиме сите потребни анализи, а потоа ќе бидат донесени сите соодветни политички одлуки“, вели Петре Шилегов, градоначалник на Скопје.

Температурата, пак, вчера додатно ја крена и објавата на советникот на Тевдовски, Бранимир Јовановиќ, кој порано беше дел од Шарената револуција, дека си заминува од Финансии.

„Одлукава ја донесов уште пред некое време, но не сакав да ја објавам додека не поминат изборите. Имаше сѐ во овие две години, но сепак си заминувам со позитивни впечатоци. Бевме одличен тим и функциониравме навистина добро. Направивме доста работи, од кои најважна за мене е даночната реформа“, вели Јовановиќ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагира дека тој бил „жртвено јагне на лошите економски политики на Владата“ и дека неговото заминување означува „напуштање на бродот што тоне“.

Но се дознава дека Јовановиќ си заминува бидејќи смета дека го исполнил својот предизвик во Финансии, меѓу нив е и повратот на ДДВ кој ќе стартува од јули, сега сака да се посвети на семејството, и ќе се врати во Институтот за општестевни и хуманистички науки каде што беше ангажиран претходно.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ