Министрите ќе си ги пресметаат службените трошоци на народен грб, за да се види дали трошат наменски

Министрите и нивните заменици ќе мора да направат полугодишни извештаи за што трошеле за службени потреби, одлучи владата на седница, а таа обврска во иднина ќе ја имаат сите јавни функционери. Владата го задолжи и Бирото за јавни набавки да ги објави сите договори од јавните набавки на својата веб страна.

Откако ДИК се лизна на своите надоместоци и плус примања, владата одлучи да ги задолжи сите министри, заменици министри и државни секретари да подготват 6-месечни извештаи како, колки и за што трошеле за службени потреби.

Мерките се во насока на транспарентно работење и трошење на буџетските средства., велат од владата.

Досега не е познато колку министрите трошеле правдајќи се со службени потреби, министерот за земјоделие Љупчо Николовски, пред неполни два месеци рече дека за неколку месеци мандат потрошил двесте евра од службената картичка, додека првиот полицаец Спасовски во првите месеци од функцијата тврдеше дека не ја користел воопшто службената картичка.

Според Бошњаковски, министрите ќе треба да направат листа колку потрошиле и во кратки црти да опишат поради што трошеле на сметка на граѓаните. Тоа треба да го завршат после Нова година, кога ќе бидат објавени нивните сметки.

-На почетокот на јануари, односно во првата половина на јануари тие податоци ќе бидат објавени. Секторот за односи со јавност е задолжен да направи веб презентација на информациите за да бидат достапни пред граѓаните, изјави Миле Бошњаковски, портпарол на владата.

Оваа обврска во иднина ќе биде проширена на сите јавни функционери.

Еден од нив поради лет со бизнис класа за Аргентина, веќе беше искритикуван во јавноста. Но директорот на агенција за развој на туризмот Донев се уште е на функција, а од владата не одговорија дали ќе го разрешат поради екстра трошокот на народна сметка.

По изборот на кабинетот на Заев, беа извадени сите сметки и фактури на поранешните функционери од кои имаше многу користени наместо за службени потреби, биле потпишани за набавки на долна облека, скапи и егзотични оброци и ексклузивни хотели.

Досега никој не одговарал за ненаменско трошење за службени цели.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ