
Министри на државна сметка живеат во станови за 400 евра месечно
Тројца министри живееле и живеат во стан во главниот град, под кирија платена од буџетот. Бројките ги има во најновиот преглед изготвен токму од владата.
На државна сметка од јуни до ноември лани, кираџии се Љупчо Николовски, од министерство за земјоделие, Крешник Бектеши од министерство за економија, и министерот за правда Билен Саљии кој си даде оставка.
Најскап стан си изнајмил 33-годишниот Бектеши, кичевчанец по потекло, со 24.717 денари месечно живеел во Скопје. Николовски кој е од Крива Паланка плаќал приближно на Бектеши по 400 –тини евра месечно, односно 24 илјади денари.
Сто евра помалку чинела киријата на Саљии од правда. Според податоците достапни на анализата на владата, најголема кирија досега државата му плаќала на поранешниот министер Џери Наумоф, чиј изнјамен стан чинел 500 евра месечно.
Името на Крешник Бектеши, министерот за економија стана интересно бидејќи анализата на владата го исфрли неговото име високо во уште некои категории, не е е прв но секогаш е во врвот.
Бектеши е на второ место по дневници исплатени за патување во странство, втор е по трошоци за мобилен телефон, втор е по вкупните угостителски услуги за кои платил од државен џеб.
За патувањата во странство Бектеши добил над 80 илјади денари дневници за првите 6 месеци од својата служба. Лидер во оваа категорија е првиот дипломат Никола Димитров со наплатени 170 илјади денари дневници или во просек по нешто над 500 евра месечно.
Најмногу мобилен врти на државна сметка, вицепремиерот Бујар Османи, потрошил 134 илјади денари или месечно во просек околу 370 евра. Веднаш зад него е економистот Бектеши, трошел просечно по 360 евра месечно или вкупно 130 илјади денари за половина година.
Во овој дел интересно е што премиерот Заев и министерот Спасовски не потрошиле ниту еден државен денар за мобилен телефон- со што се отвора прашањето на чија сметка комуницираат кога зборуваат за државни, безбедносни или полициски работи и дали се заштитени нивните телефонски контакти.
Премиерот Заев е апсолутен лидер во потрошеното за угостителски услуги во земјата, во странство и и во државните бифеа- за 6 месеци потрошил над 2 милиони денари или над 34 илјади евра. Втор по вкупните угостителски трошоци е економистот Бектеши, потрошил 864 илјади денари или над 14 илјади евра.
Владата кога го презентираше транспарентниот приказ на трошоците ги објави и бројките на владата на Груевски од 2014-та година за да покаже дека се потрошени двојно помалку буџетски, граѓански пари за трошоците на функционерите.
Миомир Серафиновиќ