
Министерството за одбрана ќе издвои речиси 60 милиони денари за референдумот
Министерството за одбрана ќе стави на располагање нешто помалку од 60 милиони денари за кампањата за претстојниот референдум за договорот меѓу Македонија и Грција, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
- „Министерството за одбрана е едно од тие кои најмногу треба да биде заинтересирано за нашиот стратешки приоритет и од нашиот сектор за финансии испративме информација дека на располагање ставаме нешто помалку од 60 милиони денари, кои беа планирани за слични активности, но кои сметаме дека е подобро да ги искористи Собранието, а не ние поединечно“ , изјави Шекеринска.
Шекеринска која денеска присутвуваше на Отворениот ден на АРМ по повод Денот на Армијата рече дека сумата која ќе се издвои за кампања за референдумот официјално ќе се одреди на следната владина седница која ќе се одржи в среда.
Таа притоа рече дека Владата не сака да биде главниот актер, заради тоа што Собранието е тоа што ја донесе одлуката за референдум. Според Шекеринска тоа ќе покаже дека Владата нема политичка или партиска агенда, туку дека на ова прашање е сконцентрирана на клучниот интерес на Македонија – да стане членка на НАТО и да ги почне преговорите со ЕУ.