Министерството за финансии ја објави Анализата за злуопотребите со екстралесното гориво, но без решение за проблемот

Министерството за финансии ја објави Анализата за злуопотребите со екстралесното гориво. Но, не пресече како да се реши проблемот за кој со години се алармира и покрај тоа што изминатите месеци ветуваше дека ќе го стори тоа. Злоупотребите со „црвената нафта“ која наместо за греење – се точи во автомобилите – предизвикуваат штетата и на буџетот, но и на екологијата.  

Иако Владата во повеќе наврати ветуваше дека ќе го реши проблемот со злупотребите на екстралесното гориво – сепак наместо решение, подготвија само анализа за сузбивање на нелегалното користење на екстраленото гориво.

Во анализата констатирано е дека големата разлика во цената која изнесува 12 ден за литар помеѓу дизел горивото и екстра лесното гориво мотивира одделни субјекти да го продаваат спротивно на законите, а одредени корисници да го користат спротивно на намената, како погонско гориво во моторни возила, што е забрането. Дополнително од внатрешниот промет се гледа дека расте трендот на увоз и веднаш пуштање во промет, а се намалува трендот екстра лесното гориво да се пушта од акцизен склад. Анализата дава предлози за решавање на злоупотребите. Но, Владата одлучи сега да не презема конкретен чекор па нејасно е да кај неа преовладаа интересите токму на оние кои ги прават злоупотребите.

Според анализата, во 2019 година Окта, како увозник и трговец на големо со нафтени деривати во промет пуштила 50 милиони литри на екстралесното гориво. При тоа, најголеми купувачи на ова гориво се Пуцко Петрол, Дади Оил и Супертрејд со вкупен удел од околу 70%, додека Макпетрол, Детоил, Црна Река Петрол и Моби Петрол имаат удел од околу 27%. Пресостанатите 3% се продажби кон крајни корисници од страна на Окта. Ако тука се приклучат и количините кои се увезуваат од страна на останатите увозници се добива целосната слика. Па така, во првата група на компании кои продаваат кон крајни корисници спаѓаат Пуцко Петрол, Дади Оил и Супертрејд со вкупен удел од околу 65%, а останатите се Макпетрол, Детоил, Црна Река Петрол, Окта, Моби Петрол и Лукоил со вкупен удел од околу 35% на пазарот.

Најголеми купувачи на екстралесното гориво од Окта

Пуцко Петрол, Дади Оил и Супертрејд                                  70%,

Макпетрол, Детоил, Црна Река Петрол и Моби Петрол   27%

Продажби кон крајни корисници од ОКТА                            3%

 

Целосна слика со вклучени количини кои се увезуваат од останатите увозници

Пуцко Петрол, Дади Оил и Супертрејд                         65%,

Макпетрол, Детоил, Црна Река Петрол, Окта,

Моби Петрол и Лукоил                                                     35%

 

Наташа Стојановска

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ